02.02.2026 Скопје
Прекумерната и несоодветна употреба на антибиотици претставува сериозен здравствен предизвик во РС Македонија. Поради сè поголемата употреба на антибиотици па дури и тогаш кога нема потреба, сè почеста е “антибиотската резистенција” – состојба во која бактериите престануваат да реагираат на лекувањето. Ова значи дека инфекциите што некогаш се лекувале лесно може да станат долготрајни, посериозни или дури и опасни по живот .Антибиотската резистенција со себе носи и подолги хоспитализации, поскапи третмани и поголем ризик од компликации.
Лекарите наведуваат дека една од причините за прекумерната употреба е што граѓаните често очекуваат антибиотик за секоја инфекција, дури и за вирусни заболувања како настинка или грип, за кои антибиотиците воопшто не делуваат.
Иако законски е забрането издавање антибиотик без рецепт, во пракса сè уште постојат случаи на нивна лесна достапност. Дополнително, многу пациенти ги користат антибиотиците „на своја рака“, чувајќи останати таблети од претходни терапии или следејќи туѓи совети.Дополнително често се соочуваат со притисок од пациенти кои бараат терапија, што понекогаш води до препишување антибиотици и кога тоа не е неопходно.
И на глобално ниво, оваа состојба се смета за една од најголемите здравствени закани на 21 век.За да се намали проблемот, потребни се координирани напори: подобра едукација на населението, строга контрола на издавањето антибиотици, правилно препишување од страна на лекарите и јакнење на јавната свест за последиците од несоодветна употреба. Само со одговорен пристап може да се зачува ефикасноста на антибиотиците за идните генерации порачуваат лекарите.
Подготвено од М.Д.