17.02.2026 Скопје
Во новата Стратегија за визи, Европската комисија официјално за прв пат призна дека сегашните правила за престој во Шенген- зоната не одговараат на реалните услови за работа на професионалните возачи на камиони од трети земји и најави воведување посебни решенија што би можеле да го решат долгогодишниот проблем на возачите на камиони.
Сегашното правило дозволува престој од максимум 90 дена во период од 180 дена, што за возачите на камиони, кои постојано ги преминуваат границите, во пракса значи ризик од казни, забрани за влез и прекин на работата. Иако не живеат трајно во ЕУ, нивното присуство се смета за туристички престој, што со години предизвикуваше незадоволство кај превозниците, особено од Западен Балкан. Во новата стратегија за визи, Европската комисија наведува дека постојат професии кои „поради природата на нивната работа, честопати мора да останат во неколку земји членки“, и не спаѓаат во категоријата класични мигранти или прекугранични работници. Тие конкретно ги вклучуваат возачите на камиони кои обезбедуваат услуги за европски компании, заедно со спортисти и уметници на турнеја.
Како одговор на овој проблем, Комисијата најавува разгледување на посебен режим на продолжен краток престој на ниво на ЕУ, кој би им овозможил на камионџиите да останат во Шенген-зоната повеќе од 90 дена, без потреба од дозвола за работа или престој, но со строги контроли и јасно дефинирани правила.
Зборувајќи на прес-конференција, извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, изјави дека институциите на ЕУ се свесни за загриженоста што ја искажаа превозниците од Западен Балкан.
Европската комисија наведува дека во текот на 2026 година, во соработка со земјите членки, ќе работи на наоѓање специфични законски решенија, вклучително и можноста за усвојување нови правила што би важеле во целата Шенген-зона. Целта е да се обезбеди правна сигурност и за возачите и за транспортните компании, а воедно да се зачува безбедноста на надворешната граница на ЕУ.
Засега, роковите и деталите за идниот режим не се прецизирани, но Комисијата за прв пат јасно вели дека проблемот со камионџиите е препознаен на ниво на политиката на ЕУ – и дека се бара системско решение за него.
Подготвено од М.Д.