16.02.2026 Скопје
Полскиот претседател Карол Навроцки изјави дека, имајќи ја предвид геополитичката ситуација и заканите од Русија, потребно е да се работи на зајакнување на националната безбедност, вклучително и развојот на нуклеарниот потенцијал.
„Овој пат, почитувајќи ги сите меѓународни норми, е патот што мора да го следиме. Земјата е на работ на потенцијален воен конфликт, а ставот на Руската Федерација кон Полска е агресивен и империјалистички. Затоа е важно Полска да ја гради својата безбедност, дури и со помош на нуклеарниот потенцијал“, рече Навроцки во интервју.
Тој нагласи дека не знае дали ова воопшто ќе се случи, но ја поддржува изградбата на безбедноста на Полска „дури и врз основа на нуклеарниот потенцијал“.
Зборувајќи за можните реакции на Русија на почетокот на работата на нуклеарната програма, Навроцки истакна дека Русија може да одговори на секоја акција со агресивни потези. Додаде дека и покрај ова, сè уште го поддржува продолжувањето на нуклеарните напори, сметајќи ги за клучни за иднината на Полска.
Подготвено од М.Д.