25.02.2026 Скопје
Здружението на јавните обвинители на Република Северна Македонија упати итна јавна реакција до Собранието, барајќи од дневниот ред на 89-тата седница да биде повлечен предлог-законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители, предложен од група пратеници.
Во дописот, испратен до претседателот на Собранието и до пратениците, Здружението наведува дека одлуката за реакцијата е донесена од Собранието и Извршниот одбор на 24 февруари 2026 година.
Како што посочуваат, јавните обвинители се свесни за сложената економска состојба во државата и потребата од мерки за штедење, но предупредуваат дека согласно член 2 од важечкиот Закон, платата на јавен обвинител не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган, освен во случај на утврдена дисциплинска одговорност.
Од Здружението истакнуваат дека јавните обвинители вршат сложена и одговорна работа, без соодветни материјални услови и доволна стручна поддршка, а законски предвидените додатоци за сложеност на трудот со години не се исплаќаат поради недостиг на средства во Буџетот.
Тие нагласуваат дека функцијата јавен обвинител е неспојлива со извршување на друга дејност, па платата претставува единствен приход. Според нив, платите се движат од помалку од 90.000 до околу 130.000 денари, што, како што наведуваат, ги прави најниски во регионот. За споредба, посочуваат дека платите во Србија се движат од 1.600 до 4.000 евра, во Црна Гора од 1.600 до 4.700 евра, во Албанија од 1.600 до 3.000 евра, додека во Бугарија просекот изнесува околу 3.000 евра плус годишен бонус.
Дополнително, Здружението информира дека Уставниот суд веќе има поведено постапка за оценка на уставноста на претходните измени на Законот за платите, со решение У.бр.71/25 од 24 декември 2025 година, по иницијатива на самото Здружение. Тие предупредуваат дека нови измени, со дополнително намалување на коефициентите, би можеле да создадат дополнителни правни последици, особено додека трае постапката пред Уставниот суд.
Здружението апелира до пратениците детално да ја преиспитаат потребата од измените и да ја повлечат предложената точка од дневниот ред.
Подготвено од М.Д.