hristijan-mickoski-

06.02.2026 Скопје

Ставот на Владата за уставните измени останува непроменет, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека тие нема да се реализираат без јасни гаранции дека процесот на евроинтеграција нема да биде сопрен од нови блокади или билатерални условувања.

Земјава е подготвена да ги почитува преземените меѓународни обврски, но истото го очекуваме и од соседите и од Европската Унија – рече Мицкоски, посочувајќи дека Бугарија треба да ги почитува конвенциите што ги ратификувала, вклучително и овозможување регистрација на македонската заедница и претставник во Советот за малцински права.

Премиерот објасни дека државата е свесна за обврските преземени од претходната влада и дека тие продолжуваат да се почитуваат.

Доколку се однесувате вон институциите, ќе бидете изолирани, а прашањето е каква иднина ѝ следува на државата. Колку и да е горчливо, тоа е реалност – додаде Мицкоски.

Тој се осврна и на разговорите со меѓународната заедница, истакнувајќи дека добива уверувања оти ЕУ го признава македонскиот идентитет, но дека овие гаранции мора да се формализираат преку заклучок на Советот на ЕУ.

Ако навистина го мислите тоа, ве молам, донесете заклучок за да можеме јасно да ги информираме граѓаните, сакаме ли во Европска Унија, а дали имаме гаранции за нашиот јазик и идентитет – рече Мицкоски.

Во однос на можен „нонпејпер“ од еврокомесарката за проширување Марта Кос или нови документи за олеснување на членството, премиерот посочи дека таков документ сè уште не е пристигнат:

Може Комисијата да даде предлог, но за тоа да функционира, мора да се согласат земјите членки. Процесот зависи од политичката волја на земјите-членки да прифатат нови методологии, како постепена интеграција со заштитни механизми – појасни Мицкоски.

Тој предупреди на внимателност во изјавите, додавајќи дека новите методологии би можеле да вклучуваат ограничувања во користењето на структурните фондови и дека се разгледуваат различни сценарија за обезбедување на интеграцијата.

Подготвено од М.Д.

About Author