KORPA

25.02.2026 Скопје

Минималната синдикална кошничка повторно порасна. Во февруари, за основните трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 67382 денари, речиси илјада повеќе од јануари. Според пресметките на Сојузот на синдикатите на Македонија, растот за само еден месец изнесува 969 денари.

Ако семејството живее под кирија во стан од 60 квадрати, месечните минимални трошоци се искачуваат на 82.757 денари. Првиот човек на ССМ Слободан Трендафилов вели дека поскапувањата се многу поголеми од најавеното усогласување на платите.

Според синдикалните пресметки, најголем дел од ударот доаѓа од храната и пијалаците, за кои во февруари биле потребни 25.156 денари, односно речиси илјада денари повеќе од претходниот месец. Вкупната кошничка во однос на лани во февруари е повисока за 3.609 денари, а во споредба со 2022 година, за повеќе од 30 илјади денари. Токму храната и пијалаците се категоријата во која и Државниот завод за статистика измери  поскапување од 5,2 проценти на годишно ниво.

Поради ова, Трендафилов повторно ја повика власта да изгласа 600 евра минималец и по 100 евра плус за останатите плати. Опозицискиот СДСМ поднесе речиси идентиќен закон во Собрание, кој на дневен ред е денеска.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пред два дена изјави дека инфлаторните притисоци се последица на политики од претходната власт и надворешни фактори, оценувајќи дека процесот на стабилизирање не може да се случи преку ноќ. Премиерот Христијан Мицкоски порача дека очекува инфлацијата во наредните месеци да се движи под три проценти и дека трендот е сличен како во повеќето земји од регионот.

Подготвено од М.Д.

About Author