pari-denari-plata-696x443

02.02.2026 Скопје

Сојузот на синдикатите и работодавците да седнат на преговарачка маса и да се договорат за минималната плата. Она што ќе го договорат, Владата ќе го прифати, истакна заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Тој на средба со новинарите во Прилеп нагласува дека до тогаш важи постојната формула од трипартитниот договор од  2022 година.

Владата е за покачување на минималната плата, но врз база на реални параметри кои се актуелни во економската состојба и ситуација во РС Македонија. Она што ние го застапуваме како став е да се договорат, бидејќи најголемиот товар ќе оди на приватниот сектор каде се 600.000 вработени. Треба да седнат и она што ќе го договорат синдикатите и работодавците, Владата ќе го прифати. Владата е работодавец на околу 100.000 вработени во администрацијата. Да нагласам, сѐ додека не се договорат важи постојната формула што е вклучено во Законот за минимална плата што ја договориле на трипартитен договор токму овој репрезентативен синдикат, Организацијата на работодавачи и тогашната Влада во 2022 година, рече тој.

Според Ристески, Оперативниот план за вработување, главно млади лица, даде одлични резултати, а годинава стартува порано, од март. Потенцира дека повеќе пари се насочуваат во поатрактивните дејности.

Лани оперативниот план од 40 милиони евра даде големи резултати со реализација на 90 проценти. Годинава се предвидени повеќе средства за многу поатрактивни мерки каде најмногу од парите ќе бидат насочени. Очекуваме преку 16 000 лица, од кои претежно млади, невработени до 29 години, да го искористат правото и со овие активни мерки да се вработат во текот на оваа година. Оваа година, за разлика од лани, оперативниот план ќе биде ставен во функција уште од март. Ги повикувам младите да ги користат овие мерки, рече Ристески.

Подготвено од М.Д.

About Author