23.02.2026 Скопје
Фрапантни 2,8 милијарди евра уплатиле граѓаните лани во казина, обложувалници и автомат-клубови. Сумата укажува дека коцкарската индустрија има големо влијание во финансиските текови во земјава, но и се отвараат прашања која е општествената цена која се плаќа. Дел од експертите предупредуваат дека обложувањето односно коцкањето како форма на „трошење“ има директно влијание врз личните буџети на граѓаните, задолжувањето и сиромаштијата.
Казината и обложувалниците во последните години постојано се множат, стануваат се подостапни, се појавуваат онлајн и агресивно се рекламираат. Паралелно растат домашните проблеми поради зависноста од коцкање, финансиските катастрофи по семејниот буџет што тоа ги предизвикува.
Иако индустријата носи приходи преку даноци и лиценци, економистите предупредуваат дека голем дел од парите се пренасочуваат од продуктивна потрошувачка кон сектор кој не создава нова вредност во реалната економија.
Сумата од 2,8 милијарди евра јасно покажува дека коцкарската индустрија станува еден од најмоќните финансиски сектори во земјата – но и еден од најконтроверзните.
Подготвено од М.Д.