25.02.2026 Скопје
За долг од 50 денари за неплатејн паркинг, граѓанин платил 15.000: КСОМ ја критикува „шминката“ на законот.
Системот за извршување во РС Македонија останува проблематичен за граѓаните, велат од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ), поради случаи како оној на човек кој за долг од само 50 денари за неплатен паркинг бил принуден да плати 15.000 денари.
„Јавното претпријатие ангажирало адвокат, кој наплатил 6.000 денари, потоа нотар додал 4.000, а на крај се плаќа и извршувањето. Не е ли срамота за 50 денари долг да се плати 15.000?“, објаснува Марјан Ристевски, претседател на КСОМ.
Министерството за правда оценува дека системот на извршување е функционален и ефикасен, а Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за извршување има за цел да ги прецизира недоречените законски решенија и да овозможи побрза и поефикасна наплата на долговите.
Меѓутоа, според КСОМ, новиот закон не ги решава суштинските проблеми и само ја „шминка“ постојната состојба, оставајќи го граѓанинот ранлив на несразмерни трошоци за мали долгови.
Министерството тврди дека предлог-законот ќе овозможи подобра бизнис-клима и побрз обрт на средства во стопанството, но за КСОМ клучниот проблем – спрега адвокат-нотар-извршител – останува нерешен.
Подготвено од М.Д.