04.02.2026 Скопје
На 5 февруари истекува Договорот за ограничување на стратешкото оружје, попознат како СТАРТ – последниот преостанат столб на системот за нуклеарна контрола меѓу САД и Руската Федерација. Неговата судбина сè уште е неизвесна, а одлуката што ќе ја донесе Белата куќа може суштински да ја промени глобалната безбедносна архитектура. Доколку договорот истече без замена или продолжување, тоа ќе биде првпат по повеќе од 50 години нуклеарните арсенали на САД и Русија да останат без формални, правно обврзувачки ограничувања.
Договорот СТАРТ беше потпишан во 2011 година и стапи во сила со цел да ги ограничи стратешките нуклеарни арсенали на двете најголеми нуклеарни сили во светот. Тој предвидува максимален број од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави за секоја страна, како и строги ограничувања за интерконтиненталните балистички ракети, подморничките лансери и тешките бомбардери. Покрај квантитативните лимити, договорот воспостави и систем на инспекции и транспарентност, кои со децении се сметаа за клучен механизам за спречување ескалација и недоразбирања меѓу Вашингтон и Москва. Доколку договорот истече без замена или продолжување, тоа ќе биде првпат по повеќе од 50 години нуклеарните арсенали на САД и Русија да останат без формални, правно обврзувачки ограничувања. Таков развој на настаните, според многу експерти, би отворил нова ера на неизвесност и потенцијално опасна трка во вооружувањето.
РУСКИ ПРЕДЛОГ, АМЕРИКАНСКА ДИЛЕМА
Русија уште минатата година предложи едногодишно продолжување на клучните квантитативни ограничувања од договорот, без дополнителни услови, со цел да се добие време за пошироки преговори. Кремљ неодамна соопшти дека сè уште не добил официјален одговор од Вашингтон на предлогот од претседателот Владимир Путин.
Американскиот претседател Доналд Трамп во еден момент ја оцени идејата како „добра“, но, конечна одлука сè уште не е донесена. Белата куќа кусо соопшти дека токму претседателот лично ќе го одреди идниот тек на дејствување во областа на контролата на оружјето, како и времето кога таа одлука ќе биде објавена. Украинскиот медиум „Страна“, се наведува дека внатрешните дебати во американската администрација и во Републиканската партија се интензивни и длабоко поделени. На кој начин?
ТРИ ПРИСТАПИ ВО КРУГОТ НА ТРАМП
Во политичките и експертските кругови блиски до претседателот Трамп се издвојуваат три јасни позиции околу иднината на СТАРТ.
Првата, поддржана од тврдокорните воени „јастреби“, се залага за целосно напуштање на договорот. Според ова гледиште, отфрлањето на ограничувањата би им дало на САД „одврзани раце“ за брзо зајакнување на сопствениот нуклеарен потенцијал, особено во контекст на растечкиот арсенал на Кина. Пентагон проценува дека Кина во 2024 година располагала со околу 600 нуклеарни боеви глави и дека таа бројка би можела да надмине 1.000 до 2030 година, приближувајќи се до нивото на САД и Русија до 2035 година. Поддржувачите на оваа позиција веруваат дека демонстрацијата на сила би ја зајакнала преговарачката позиција на Вашингтон во односите со Москва и Пекинг.
Втората позиција е попрагматична и предвидува условно, привремено продолжување на ограничувањата, но само доколку Русија се согласи да ги обнови инспекциите на своите нуклеарни објекти. Москва, потсетуваат американските претставници, го блокира пристапот на инспекторите од 2022 година, повикувајќи се на безбедносни и логистички причини поврзани со војната во Украина.
Третата група експерти и поранешни функционери за контрола на оружјето сметаат дека прифаќањето на рускиот предлог за едногодишно продолжување е најразумната опција во моментов. Според нив, тоа би било привремена мерка за „купување време“ и создавање простор за преговори за нов, поширок договор, кој би ги опфатил не само САД и Русија туку и други нуклеарни сили – пред сè Кина.
РИЗИЦИТЕ ОД НОВА ТРКА ВО ВООРУЖУВАЊЕ
Застапниците на контролата на оружјето предупредуваат дека целосното напуштање на СТАРТ би можело да предизвика нова, непредвидлива трка во вооружување, со сериозни последици за глобалната безбедност. Без механизми за транспарентност и проверка, ризикот од погрешни процени, недоразбирања и ненамерна ескалација значително би се зголемил.
Истекот на договорот доаѓа во момент на длабока геополитичка конфронтација, нарушена доверба и парализирани канали за дијалог меѓу големите сили. Токму затоа, според аналитичарите, одлуката на администрацијата на Трамп нема да биде само техничко прашање на контрола на оружјето, туку стратегиски избор што ќе ја одреди насоката на светската безбедност во наредните децении.
Дали утрешниот 5 февруари ќе означи крај на една ера на нуклеарни ограничувања или само кратка пауза пред нов обид за договор – останува да се види. Но едно е јасно: последиците од таа одлука ќе се чувствуваат далеку надвор од Вашингтон и Москва.
Подготвено од М.Д.