27.02.2026 Скопје
Хрватска е силен поддржувач на Република Северна Македонија, порача МНР на Хрватска Гордан Грлиќ Радман на заедничка прес-конференција со македонскиот МНР, најавувајќи дека во следниот период се очекува финализирање на договор за стратешко партнерство меѓу Скопје и Загреб. Според двајцата, односите меѓу двете земји се „пример за регионот“, а новата рамка на соработка треба да ги зацврсти врските и да даде појасна политичка и практична подлога за поддршката на македонските евроинтеграции.
Муцунски информираше дека се водат разговори за затворање на процесот за стратешко партнерство што ќе опфати повеќе области, меѓу кои економијата, трговијата, безбедноста и енергетиката. Во истиот настап, тој ја опиша Хрватска како „ментор“ во евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека поддршката не е само политичка, туку и техничка и институционална, со искуства што може да се пренесат во реални реформи и во зајакнување на административните капацитети.
Двајцата министри ја ставија НАТО-димензијата како заеднички приоритет, оценувајќи дека засилената координација меѓу две сојузнички држави е ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатлантската безбедност. Во таа рамка, беа разгледани и актуелни регионални и меѓународни прашања, како и економските состојби и приоритети што ги одредуваат наредните чекори на соработката.
Во делот за европскиот пат, Муцунски истакна дека државата „нема луксуз“ да застане со интеграцијата и дека фокусот мора да остане на домашната реформска агенда, со цел да се испорачуваат резултати што ќе се мерат со конкретни промени, а не со декларации. Осврнувајќи се на односите со Бугарија, тој потенцираше дека позицијата на земјата е принципиелна, но дека е неопходен активен дијалог со Софија, со дополнителна внимателност поради предизборниот период таму, за РС Македонија да не стане дел од туѓа изборна реторика.
Грлиќ Радман, пак, оцени дека Република Северна Македонија е подготвена и дека заслужува членство во Европската Унија „многу брзо“, додавајќи дека напредокот во преговорите би бил важен позитивен импулс за граѓаните. Тој ја нагласи и практичната поддршка преку 18 активни твининг проекти што придонесуваат кон зајакнување на капацитетите во различни области, со пораката дека проширувањето е во интерес на целата Унија, особено во време на геополитички потреси и војната во Украина.
Подготвено од М.Д.