04.02.2026 Скопје
ЈСП ќе се модернизира, но кога – сè уште останува непознато. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави набавка на 100 нови автобуси, кои, како што вели, ќе го променат секојдневието на илјадници граѓани што го користат јавниот превоз, но без конкретен датум кога автобусите ќе почнат да сообраќаат низ главниот град.
„Со одлука на Владата на Република Северна Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз. Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и Владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Додека да пристигнат новите автобуси, за скопјани нова година – стари проблеми. Автобусите доцнат, а граѓаните не успеваат навреме да стигнат на работа, училиште или на лекар.
Инаку, најавата за модернизација на ЈСП и набавка на нови автобуси се одолговлекува уште од минатата година. Премиерот Мицкоски, како и првиот човек на градската управа, викендот што измина најавија дека проблемот со јавниот превоз ќе се решава со набавка на нови автобуси. Град Скопје не даде одговор на прашањата дали станува збор за истата фирма што требаше да ги набави автобусите минатата година, кога тендерот пропадна.
Подготвено од М.Д.