13.02.2026 Скопје
Синдикатите во Германија го кренаа својот глас против плановите на владата за измена, па дури и целосно укинување на Законот за работно време. Наместо сегашното ограничување од осум часа работа дневно, се предлага да се премине на максимално неделно работно време, што во пракса би можело да значи значително подолги работни денови.
Според германските медиуми, работен ден што започнува во 7 часот наутро и завршува во 20 часот би можел да стане реалност за милиони вработени. Владата сака да го укине ограничувањето од осум часа на ден и да го замени со неделно ограничување.
Закон за флексибилност на работното време
Во коалицискиот договор јасно е наведено дека максималното дневно работно време од осум часа ќе биде заменето со неделно ограничување. Владиниот комесар за туризам изјави дека одлуката за „флексибилност на Законот за работно време“ треба да се донесе оваа година.
Канцеларот Фридрих Мерц (CDU) отиде чекор понатаму, изјавувајќи дека „веројатно ќе го укине Законот за работно време“. Она што на прв поглед изгледа како поголема флексибилност, според предупредувањето на синдикатот, во пракса би можело да значи работни денови долги и до 13 часа, а во шпицот и до 73,5 часа неделно.
Синдикатот НГГ – Синдикатот на прехранбената индустрија, индустријата за пијалоци и угостителството, предупредува на ова, бидејќи верува дека ваквите промени дополнително би ги влошиле условите за работа.
Остри реакции од синдикатите
Претседателот на НГГ рече дека продолжувањето на работниот ден не е решение за недостатокот на работна сила.
„Секој што сериозно сака да се бори против недостигот на вработени мора да ги подобри условите за работа, а не да го продолжува работниот ден на 13 часа“, истакна тој.
И Deutscher Gewerkschaftsbund (DGB), германската конфедерација на синдикати, започна кампања под слоганот „Сила за 8“. На конференцијата на DGB Баварија во Инголштат беше усвоена резолуција насловена како „Осум часа се доволни – денес и во иднина“.
Делегатите рекоа дека работниците веќе се под голем притисок и дека границите на издржливост во многу сектори одамна се достигнати.
„Секој што денес бара подолги работни денови ја игнорира реалноста дека вработените веќе работат на работ на своите можности“, се заклучува во резолуцијата.
Подготвено од М.Д.