tramp-megu-sad-i-eu-znaminja

23.02.2026 Скопје

Европската комисија денеска ги повика Соединетите Американски Држави да ги почитуваат условите од трговскиот договор склучен меѓу двете страни минатата година, откако Врховниот суд на САД ги поништи реципрочните царини на Доналд Трамп, што пак го испровоцира да воведе нови глобални тарифи од 15 проценти.

Европската комисија го повика Вашингтон да биде „јасен“ во врска со мерките што се подготвува да ги преземе по пресудата на највисокиот американски суд.

Незадоволен од одлуката на Врховниот суд, Трамп воведе глобална тарифа, првично од 10 проценти за сите увезени стоки, која потоа ја зголеми на 15 проценти, дополнително на веќе постојните царини.

Сегашната ситуација не е погодна за воспоставување „фер, избалансирана и меѓусебно корисна“ трансатлантска трговија и инвестиции, како што е договорено од двете страни, се вели во соопштението на Европската комисија.

Трговскиот договор меѓу Брисел и Вашингтон постигнат во јули предвидува американски царини од 15% за повеќето стоки од ЕУ, вклучувајќи фармацевтски производи, полупроводници и автомобилски производи. Стапката од 15% е максимален праг и не е дополнителна на постојните царини, како што предвидува новата одлука на Трамп.

Подготвено од М.Д.

About Author