Commissioner-Brunner

27.02.2026 Скопје

Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, ќе допатува утре во  РС Македонија за да се договори соработка во областите на внатрешните работи, управувањето со миграцијата, безбедноста на границите, борбата против организираниот криминал и владеењето на правото.

Ова е негова трета посета на регионот по посетата на Албанија и Црна Гора претходно овој месец и учеството на министерскиот состанок на Западен Балкан минатиот октомври. Посетата ја нагласува силната посветеност на Европската Унија за продлабочување на соработката со Западен Балкан и за поддршка на земјите во регионот во нивните напори за зајакнување на безбедноста и постигнување напредок на нивниот пат кон европска интеграција.

Комесарот Брунер ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и министерот за европски прашања, Беким Сали. Дискусиите ќе се фокусираат на тековниот процес на пристапување на Република Северна Македонија, а особено на „Поглавје 24“, кое ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста, вклучувајќи ја миграцијата, управувањето со границите, азилот, полициската соработка и борбата против организираниот криминал. На состаноците ќе се дискутира и за Системот за влез/излез на ЕУ, голем ИТ систем дизајниран за регистрирање на влезот и излезот на државјани од трети земји што ги преминуваат надворешните граници на Шенген зоната.

Комесарот ќе присуствува и на официјалното потпишување на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Младинските спортски игри „Плазма“, за започнување на Младинските спортски игри во Република Северна Македонија. Ова се најголемите спортски игри за млади во Европа, со повеќе од 200.000 деца кои учествуваат годишно.

Подготвено од М.Д.

About Author