18.02.2026 Скопје
Деветмина кандидати за амбасадори добиле зелено светло од Владата на седница, а меѓу нив се луѓе од невладиниот сектор, кариерни дипломати од МНР, како и еден поранешен министер.
Орхан Муртезани, кој во актуелната влада беше министер за европски прашања, ќе биде новиот македонски амбасадор во НАТО. Нов амбасадор во Обединетото Кралство, според предлогот, треба да биде Илина Мангова, која зад себе има долгогодишна кариера во невладиниот сектор и била дел од раководството на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).
Кариерни дипломати од МВР ќе ги пополнат другите амбасадорски места за кои Владата одлучуваше денеска. Меѓу нив е и Линда Салиеска Иљазоска, која во моментов е дел од кабинетот на министерот Тимчо Муцунски. Таа е кандидатка за амбасадорка во Хаг.
Крум Ефремов, директор за економска и јавна дипломатија во МНР, ќе биде новиот македонски амбасадор во Бугарија, додека на местото на Андреј Жерновски, кој беше амбасадор во Романија, доаѓа Габриел Атанасов.
Од претходно се познати и имињата на Веле Трпевски, кој ќе биде амбасадор во Тирана, Андријана Цветковиќ во Токио, Димитар Блажевски во Киев и Фадиљ Зендели во Копенхаген. Тие исто така ја чекаат потврдата во Собранието.
Во моментов, околу половина од над 50-те дипломатско-конзуларни претставништва во светот се без амбасадори или шефови на мисии.
Подготвено од М.Д.