17.02.2026 Скопје
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денес во 11 часот ја блокира Владата со точно 21 лице, како што предвидува Законот за јавни собири, најави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Според него, блокадата е дел од „третиот дел од втората фаза синдикални активности“ за зголемување на платите, откако до 31.12.2025 не било постигнато решение за раст на минималната плата и останатите работнички примања.
Трендафилов изјави дека Владата и работодавачите не постигнале договор за зголемување на минималната плата, а дека претходниот предлог – сите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари со привремено ослободување од дел од придонесите – не бил прифатен. Според него, поради тоа државниот буџет трпи загуба од најмалку 10 милиони евра месечно.
ССМ бара минималната плата да се зголеми на 600 евра и сите останати плати да пораснат за најмалку 6.000 денари. Како аргумент, Трендафилов посочи дека синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари, а дека работниците добиваат околу 17 проценти од вредноста што ја создаваат.
Најавено е дека, доколку нема слух од Владата, ССМ ќе донесе одлука за 24-часовен генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор на територијата на целата држава. Во тој случај, работниците би дошле на работа, но не би ги извршувале работните задачи и би се приклучиле на протест.
За датумот на евентуалниот генерален штрајк ќе се одлучува по утрешната седница на Владата.
Подготвено од М.Д.