19.02.2026 Скопје
Европскиот парламент одлучи да ги деактивира вградените функции за вештачка интелигенција на службените лаптопи, таблети и паметни телефони што ги користат европратениците и нивните соработници.
Според интерна комуникација, одлуката е донесена откако ИТ-службата на парламентот заклучила дека не може целосно да гарантира каде се испраќаат и каде завршуваат податоците обработени преку алатките за вештачка интелигенција.
Главната причина за загриженост е тоа што голем дел од функциите на вештачката интелигенција, како автоматско сумирање на е-пошта или помош при изработка на документи, се потпираат на обработка во облак наместо на локална обработка на самиот уред.
Тоа подразбира пренос на чувствителни парламентарни информации кон надворешни сервери, кои често се во сопственост на компании надвор од Европската Унија, со што се отвора можност за потенцијални нарушувања на приватноста и сајбер напади.
Ограничувањата пред сè се однесуваат на вградените „асистенти“ за пишување и анализа на веб-страници, додека основните апликации, како календарите и уредниците на текст, остануваат во функција. Службата за техничка поддршка нагласила дека мерката е привремена, сè додека не се направи целосна проценка на обемот на споделување податоци со давателите на услуги.
Посочено е дека одредени задачи, кои технички можат да се извршат локално, непотребно се испраќаат во облакот, што дополнително го зголемува ризикот.
Покрај ограничувањата за службената опрема, на европратениците им се препорачува зголемена внимателност при користење на приватни уреди за службени цели. Насоките од парламентарниот ИТ-оддел советуваат да се избегнува изложување на работни документи и внатрешна кореспонденција на алатки за вештачка интелигенција што ја скенираат содржината.
Воедно, се препорачува строго ограничување на дозволите за надворешни апликации, со цел да се спречи неовластен пристап до доверливи информации.
Овој потег ја одразува зголемената претпазливост во рамките на европските институции во однос на зависноста од странски технолошки платформи, особено од САД. Во 2023 година, Европската комисија ја забрани употребата на апликацијата TikTok на службените уреди, а сега дел од претставниците одат чекор понатаму, залагајќи се за премин од Microsoft и друг американски софтвер кон европски алтернативи.
Подготвено од М.Д.