23.01.2026 Скопје
Во Давос, канадскиот премиер Марк Карни скицираше иднина што никој во Европа досега не се осмелил јавно да ја замисли: Западот без САД. Тоа не беше само одговор на ставот на Доналд Трамп кон сојузниците, туку визија за светот по него.
Ретко политичар ги наоѓа вистинските зборови во вистинскиот момент. Често се случува спонтано. Моменти како оној во кој Кенеди изговори „Ich bin ein Berliner“ (Јас сум Берлинец) на големата политичка сцена се историски исклучоци. Канадскиот премиер Марк Корни успеа да го направи тоа во среда во Давос.
Тој рече дека меѓународниот поредок базиран на правила под водство на Соединетите Американски Држави ефикасно се распаднал и дека „средните сили“ како Канада мора итно да ја променат својата стратегија за да не станат жртви на притисок од големите сили.
Иако не го именуваше американскиот претседател Доналд Трамп, Карни зборуваше за „американска хегемонија“ и предупреди дека големите сили денес ја користат економската интеграција како политичко и геополитичко оружје.
Нарушени меѓународни односи
Карни направи повеќе од само она што го донесе на позицијата на која е избран: зборуваше за Канада и светот. Тој скицираше визија за тоа како би можела да изгледа либералната политика, по распадот на либералниот светски поредок.
Во исто време, на сите политичари им е јасно дека старите сигурности завршија. Дека светот се менува брзо, дека старите пријателства повеќе не вредат ништо и дека сите земји од глобалниот Запад мора да се преориентираат. Само што досега речиси никој не го кажал тоа.
„Нашата стара претпоставка дека географијата и сојузите автоматски ни гарантираат просперитет и безбедност повеќе не е валидна“, продолжи Карни, додавајќи дека светот е во фаза на длабоко нарушување на меѓународните односи.
Според него, Канада мора да биде „принципиелна и прагматична“ во исто време – да ги зајакне сопствените капацитети и да ја намали зависноста од еден доминантен партнер, првенствено САД. „Интеграцијата“, како што изјави тој, сè повеќе води кон „подреденост“, а не кон заемна корист.
Карни оцени дека мултилатералните институции – како што се Светската трговска организација, Обединетите нации и глобалните климатски форуми – се значително ослабени и дека државите мора да бидат подготвени да дејствуваат понезависно отколку порано.
„Кога правилата повеќе не ве штитат, мора да се заштитите себеси“
„Земја која не може да се храни, да снабдува енергија или да се брани себеси има многу малку избор. Кога правилата повеќе не ве штитат, мора да се заштитите себеси“, рече канадскиот премиер.
Иако предупреди дека светот на „тврдините“ – со сè поизразен изолационизам – води кон посиромашни и понестабилни општества, Карни верува дека таков тренд е веќе реалност. Затоа средните сили мора да градат флексибилни коалиции со слични партнери, наместо да преговараат поединечно со глобалните хегемони.
„Ако не сте на масата, сте на менито“, рече Карни, нагласувајќи дека тоа не е „наивен мултилатерализам“, туку прагматично здружување за конкретни прашања.
Зборувајќи за потезите на неговата влада, Карни изјави дека откако тој дојде на власт, Канада ги удвои трошоците за одбрана, брзо ја диверзифицираше трговијата и потпиша повеќе од десетина трговски и безбедносни договори низ целиот свет за краток временски период, со дополнителен пристап кон Европската Унија.
Обновување на врските меѓу Канада и Кина
Неговата одлука да ги обнови и продлабочи економските односи со Кина привлече особено внимание, што го објасни со потребата Канада да „игра офанзивно“ во услови на растечка неизвесност во односите со Соединетите Американски Држави. „Потребна ви е мрежа на врски“, рече тој, истакнувајќи дека соработката со Пекинг би имала јасни безбедносни и политички граници.
Осврнувајќи се на моменталните тензии околу Гренланд, Карни јасно застана на страната на Данска, велејќи дека Канада останува цврсто посветена на НАТО алијансата и принципот на колективна одбрана. „Мислам дека е очигледно дека НАТО денес поминува низ сериозен тест“, заклучи тој.
„Стариот поредок не се враќа. Не треба да се оплакува – носталгијата не е стратегија. Но, од овој распад е можно да се изгради нешто пофер и постабилно“, рече Карни на крајот од говорот.
Денес ќе зборувам за распадот на светскиот поредок, за крајот на една пријатна илузија и почетокот на суровата реалност во која геополитиката и големите, клучни сили делуваат без ограничуваа и без вистински правила.
Но, во исто време, сакам да кажам дека другите земји, особено средните сили како Канада, не се немоќни. Тие имаат капацитет да изградат нов поредок што ги опфаќа нашите вредности: почитување на човековите права, одржлив развој, солидарност, суверенитет и територијален интегритет на државите.
Моќта на оние коишто имаат помала моќ започнува со искреноста.
Секој ден се потсетуваме дека живееме во време на соперништво меѓу големите сили, дека поредокот базиран на правила слабее, дека силните можат да прават што сакаат, а слабите мора да трпат што мораат.
Овој афоризам на Тукидид сѐ повеќе се претставува како неизбежен, како природна логика на меѓународните односи што повторно се наметнува.
Соочени со оваа логика, многу земји се обидуваат да се прилагодат за да избегнат проблеми, надевајќи се дека послушноста ќе им купи сигурност.
Но, нема.
„Бескорисна илузија“
Па, кои се нашите опции?
Во 1978 година, чешкиот дисидент Вацлав Хавел, подоцна претседател, напиша есеј насловен како „Моќта на немоќните“, поставувајќи едноставно прашање: Како се одржуваше комунистичкиот систем?
Одговорот започнува со продавач на зеленчук.
Секое утро, продавачот поставува натпис на својот излог: „Работници од целиот свет, обединете се“. Тој не верува во тоа – ниту пак некој друг – но сепак го поставува за да избегне проблеми, да покаже послушност и да се вклопи. Бидејќи секој продавач на секоја улица го прави истото, системот преживува – не само поради насилството, туку и затоа што обичните луѓе учествуваат во ритуали за кои приватно знаат дека се лажни.
Хавел го нарече тоа „живеење во лага“.
Моќта на системот не доаѓа од неговата вистина, туку од подготвеноста на луѓето да се однесуваат како да е вистина. Неговата ранливост доаѓа од истиот извор. Кога дури и само едно лице ќе престане да учествува, кога продавачот ќе го отстрани својот знак, илузијата почнува да напукнува по шавовтие. Време е компаниите и државите да ги отстранат своите натписи.
Со децении, земји како Канада напредуваа врз основа на она што го нарекувавме меѓународен поредок базиран на правила. Се приклучивме на неговите институции, ги застапувавме неговите принципи и имавме корист од неговата предвидливост. Ни овозможи да водиме надворешна политика базирана на вредности.
Знаевме дека оваа приказна е делумно лажна – дека најсилните се изземени кога им одговара, дека трговските правила се спроведуваат нееднакво. Исто така, знаевме дека меѓународното право се применува со различен степен на строгост, во зависност од тоа кој е обвинет, а кој жртва.
Таа илузија беше корисна. Американската хегемонија, особено, обезбедуваше јавни добра: отворени поморски патишта, стабилен финансиски систем, колективна безбедност и рамки за решавање на спорови.
Затоа поставивме натпис во излогот. Учествувавме во овие ритуали и најчесто избегнувавме да ја посочуваме разликата помеѓу зборовите и реалноста.
„Ние сме среде распад, а не постепена транзиција.“
Тој договор повеќе не функционира. Да бидеме јасни: ние сме во средината на распад, а не на постепена транзиција.
Во текот на изминатите две децении, серија кризи – финансиски, здравствени, енергетски и геополитички – ги открија ризиците од прекумерната глобална поврзаност. Но, во поново време, големите сили почнаа да ја користат оваа поврзаност како оружје: царините како притисок, финансиската инфраструктура како средство за принуда и синџирите на снабдување како слабости што треба да се искористат.
Не можете да живеете во лага за заедничките придобивки од интеграцијата кога интеграцијата станува извор на вашата подреденост.
Мултилатералните институции на кои се потпираа средните сили – СТО, ОН, КОП – самата архитектура на заедничко решавање на проблеми – сега се под закана. Како резултат на тоа, многу земји заклучуваат дека мора да изградат поголема стратешка автономија: во енергијата, храната, критичните минерали, финансиите и синџирите на снабдување.
Овој нагон е разбирлив. Земја што не може да се прехрани, да се снабди со енергија или да се брани има малку избор. Кога правилата повеќе не ве штитат, мора да се заштитите сами.
Но, да бидеме искрени за тоа каде води ова.
Светот на овие своевидни тврдини ќе биде посиромашен, покревок и помалку одржлив. Доколку големите сили се откажат дури и од привидните правила и вредности за да ги остварат своите интереси без ограничување, придобивките од таков трансакциски пристап ќе бидат сѐ помали.
Хегемоните не можат бесконечно да ги монетизираат своите односи.
„Старите претпоставки повеќе не важат“
Сојузниците ќе се диверзифицираат за да се заштитат од неизвесност – тие ќе бараат алтернативи, ќе градат отпорност и ќе го враќаат суверенитетот. Суверенитетот што некогаш се потпираше на правила сè повеќе ќе се базира на способноста да се издржи притисокот.
Ова е класично управување со ризици. Тоа доаѓа со цена, но цената на стратешката автономија и суверенитетот може да се сподели.
Заедничките инвестиции во отпорност се поевтини од тоа секој да изгради своја тврдина. Заедничките стандарди ја намалуваат фрагментацијата, а комплементарноста носи придобивки за сите. Прашањето за средните сили како Канада не е дали треба да се адаптираме – мораме. Прашањето е дали ќе го сториме тоа едноставно со градење ѕидови или ќе пробаме нешто поамбициозно.
Канада беше меѓу првите што го слушнаа ова предупредување и како резултат на тоа фундаментално го промени својот стратешки пристап.
Канаѓаните знаат дека старите, удобни претпоставки – дека географијата и сојузите автоматски ни гарантираат безбедност и просперитет – повеќе не важат. Нашиот нов пристап се базира на она што финскиот претседател Александар Стаб го нарече „реализам базиран на вредности“.
Со други зборови, се стремиме да бидеме и принципиелни и прагматични: принципиелни во посветеноста на фундаменталните вредности, суверенитетот, територијалниот интегритет, забраната за употреба на сила освен во согласност со Повелбата на ОН и почитувањето на човековите права; и прагматични во сознанието дека напредокот е често постепен, дека интересите се разликуваат и дека не сите партнери ќе ги делат сите наши вредности.
Затоа се ангажираме широко и стратешки, со отворени очи. Се соочуваме со светот каков што е, а не чекаме на светот каков што би сакале.
Ги кроиме односите така што нивната длабочина ги одразува нашите вредности и преку широк ангажман се стремиме да го зголемиме нашето влијание во свет кој моментално е нестабилен и полн со ризици.
Повеќе не се потпираме само на силата на нашите вредности, туку и на вредноста на нашата сопствена сила.
Ја градиме таа сила дома.
„Цврсто стоиме зад Гренланд“
Откако мојата влада ја презеде функцијата, ги намаливме даноците на доход, капиталните добивки и деловните инвестиции. Ги отстранивме федералните бариери за меѓупровинциска трговија. Забрзуваме инвестиции од трилион долари во енергија, вештачка интелигенција, критични минерали и нови трговски коридори. До крајот на деценијата, ќе ги удвоиме трошоците за одбрана, а воедно ќе ја зајакнеме домашната индустрија.
Во исто време, брзо се диверзифицираме во странство. Договоривме сеопфатно стратешко партнерство со Европската унија, вклучително и учество во европските програми за набавка на одбрана SAFE. За шест месеци потпишавме уште 12 трговски и безбедносни договори на четири континенти. Во последните денови склучивме нови стратешки партнерства со Кина и Катар. Преговараме за договори за слободна трговија со Индија, АСЕАН, Тајланд, Филипините и Меркосур.
Исто така, правиме нешто дополнително. За да ги решиме глобалните проблеми, применуваме пристап на „променлива геометрија“ – различни коалиции за различни прашања, врз основа на заеднички интереси и вредности. На пример, кога станува збор за Украина, ние сме клучен член на Коалицијата на сојузници и еден од најголемите донатори по глава на жител за нејзината одбрана и безбедност.
Цврсто стоиме зад Гренланд и Данска во врска со суверенитетот на Арктикот и целосно го поддржуваме нивното право сами да ја одредат иднината на Гренланд.
Нашата посветеност на Член 5 на НАТО е непоколеблива. Со сојузниците на НАТО, вклучувајќи го и нордиско-балтичкиот регион, дополнително ги зајакнуваме северните и западните крила на Алијансата, вклучително и преку досега невидени канадски инвестиции во радари со долг дострел, подморници, авиони, како и сили за на земја и за на мраз.
Канада остро се спротивставува на царините за Гренланд и повикува на фокусирани дискусии за постигнување на заеднички цели за безбедност и просперитет на Арктикот.
Во однос на мултилатералната трговија, се залагаме за поврзување на Транс-пацифичкото партнерство и Европската унија, со што би настанал трговски блок од 1,5 милијарди луѓе. Во однос на критичните минерали, создаваме куповни клубови во рамките на Г7 за да ја намалиме зависноста од концентрирано снабдување. Во однос на вештачката интелигенција, работиме со истомислечки демократии за да избегнеме да бидеме принудени да избираме помеѓу хегемони и технолошки гиганти.
Ова не е наивен мултилатерализам ниту потпирање на постојните институции. Станува збор за градење функционални коалиции – прашање по прашање, со партнери со кои имаме доволно заедничка основа за дејствување.
„Ако не сме на масата, ќе завршиме на менито“
Во некои случаи, ова ќе бидат повеќето земји во светот.
Ова создава густа мрежа на врски во трговијата, инвестиции и културата, на којашто можеме да се потпреме во идните предизвици и можности.
Средните сили мора да дејствуваат заедно, бидејќи ако не сме на масата, ќе завршиме на менито.
Големите сили, барем засега, можат да си дозволат да дејствуваат сами. Тие имаат големина на пазарот, воена моќ и лост за наметнување услови. Средните сили го немаат тоа.
Кога преговараме исклучиво билатерално со хегемон, преговараме поради слабост. Прифаќаме што се нуди и се натпреваруваме едни со други кој ќе биде повеќе попустлив.
Тоа не е суверенитет. Тоа е илузија за суверенитет, а воедно прифаќаме подреденост. Во свет на соперништво меѓу големите сили, земјите помеѓу имаат избор: да се натпреваруваат за наклонетост или да ги здружат силите и да создадат трет пат што ќе има влијание.
Не смееме да дозволиме зајакнувањето на тврдата моќ да нè заслепи пред фактот дека моќта на легитимитетот, интегритетот и правилата сè уште може да биде силна – ако ја користиме заедно. Ова нè враќа на Хавел.
Што значи средните сили да живеат во вистина?
Пред сѐ, тоа значи да се именува реалноста. Да се престане со повикување на меѓународниот поредок базиран на правила како тој сè уште да функционира како што е замислено. Да се нарекуваат работите со нивните вистински имиња: тоа е систем на сè поинтензивно соперништво меѓу големите сили во кое најмоќните ја користат економската интеграција како средство за принуда.
Тоа значи доследно дејствување и примена на истите стандарди кон сојузниците и ривалите. Кога од една страна ја критикуваме економската принуда, а од друга страна молчиме за истиот феномен, сè уште го држиме натписот во нашиот излог.
Тоа значи градење на она во што тврдиме дека веруваме, наместо да чекаме враќање на стариот поредок. Тоа значи создавање институции и договори што всушност функционираат. И тоа значи намалување на лостовите што овозможуваат принуда – преку градење силни домашни економии. Ова треба да биде итен приоритет на секоја влада.
Меѓународната диверзификација не е само економска мудрост, туку и основа на чесна надворешна политика, бидејќи земјите го стекнуваат правото на начелни ставови преку намалување на сопствената ранливост на одмазда.
„Моќните имаат своја моќ. Но и ние имаме нешто“
Канада го има она што светот го сака. Ние сме енергетска суперсила. Имаме огромни резерви на критични минерали. Имаме најобразовано население во светот. Нашите пензиски фондови се меѓу најголемите и најсофистицираните инвеститори во светот. Имаме капитал, талент и влада со фискален капацитет да дејствува решително. И имаме вредности кон кои многумина се стремат.
Канада е плуралистичко општество кое функционира. Нашиот јавен простор е гласен, разновиден и слободен. Ние остануваме посветени на одржливоста. Ние сме стабилен и сигурен партнер во свет кој е сè освен стабилен – партнер кој гради односи на долг рок.
Исто така, имаме јасна свест за тоа што се случува и решеност да дејствуваме соодветно. Овој прекин бара повеќе од прилагодување – бара чесност за светот каков што е.
Го симнуваме натписот од излогот. Знаеме дека стариот поредок нема да се врати. Не треба да жалиме за тоа. Носталгијата не е стратегија. Веруваме дека од оваа пукнатина можеме да изградиме нешто поголемо, подобро, посилно и поправедно.
Тоа е задачата на средните сили – земјите што имаат најмногу да изгубат во свет на тврдини, но и најмногу да добијат од вистинска соработка.
Моќните имаат своја моќ. Но, ние имаме и нешто: способност да престанеме да глумиме, јасно да ја именуваме реалноста, да изградиме сила дома и да дејствуваме заедно.
Тоа е патот на Канада. Го избираме отворено и самоуверено. И тоа е пат отворен за секоја земја што сака да ни се придружи. Ви благодарам.
Подготвено од М.Д.