19.01.2026 Скопје
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да формира нова меѓународна организација која би можела да се натпреварува со Обединетите нации, со услов земјите-членки да платат влезница од најмалку една милијарда долари, додека тој би ја задржал речиси целата моќ во свои раце.
Американскиот претседател Доналд Трамп не запира. Сега сака да создаде своја верзија на Обединетите нации, со влезница од 1 милијарда долари за државите кои би сакале да се приклучат на новиот проект.
Основата на новата иницијатива е Мировниот комитет за надзор на Газа, кој го основа Трамп, а кој, според основачката повелба, би можел да добие многу поширок мандат и да прерасне во тело кое би се натпреварувало со ОН и би посредувало во други глобални конфликти.
Иако првично беше замислено како дел од напорите на САД да воспостават нов модел на управување за Газа по двегодишната офанзива на Израел против Хамас, воопшто не се споменува во самата повелба за Газа. Наместо тоа, документот ја нагласува потребата од „поагилно и поефикасно меѓународно тело за градење мир“, што укажува дека дејствувањето на Комитетот може да биде глобално.
Доналд Трамп долго време има непријателски став кон Обединетите нации и постојано алудира на можноста за целосно повлекување на САД од организацијата, иако нејзиното седиште е во Сан Франциско. Само пред една недела, САД се повлекоа од 31 агенција на ОН, наведувајќи дека тие дејствуваат „спротивно на националните интереси, безбедноста, економскиот просперитет или суверенитетот на САД“.
Администрацијата на Доналд Трамп, исто така, постави ултиматум до потенцијалните членови на новиот „Мировен комитет“: секоја земја што сака трајно членство мора да плати најмалку една милијарда долари. Според нацрт-статутот, новата организација би била структурирана така што претседателот на САД има практично неограничена моќ.
Стандардното членство е ограничено на три години и зависи од волјата на претседателот, додека тоа ограничување се укинува за државите што придонесуваат повеќе од 1 милијарда долари во готово во првата година. Иако одлуките формално се донесуваат со мнозинство гласови, секоја одлука мора да има конечно одобрение од претседателот – Доналд Трамп.
Во статутот се наведува дека целта на организацијата е да „промовира стабилност и да го врати легитимното управување“, а нејзиното официјално започнување е планирано откако трите земји ќе го ратификуваат договорот.
Според претходните информации, Трамп планирал да ги објави имињата на членовите пред првиот состанок на Комитетот на маргините на Светскиот економски форум во Швајцарија. Меѓу потенцијалните членови се споменуваат Саудиска Арабија, Катар, Египет и Турција, додека од Европа, покани би можеле да стигнат до Обединетото Кралство, Германија, Франција и Италија.
Сепак, европските земји сè повеќе изразуваат загриженост, особено по најавите на Трамп за воведување царини од ЕУ и идејата дека Одборот би можел да стане алтернатива на ОН, па дури и да се справи со војната во Украина.
Посебна контроверзност предизвикува фактот што Трамп би имал право самиот да ги избира членовите, да го одобрува дневниот ред, да ги контролира средствата, да назначува наследник и да ги исклучува земјите од организацијата, додека таквата одлука би можела да се поништи само со двотретинско мнозинство од членовите.
Иако европските лидери во декември изразија принципиелна поддршка за идејата за Комитетот за Газа, дипломатите од неколку европски земји сега го оценуваат предлогот како „целосно неприфатлив“. Според извори на Блумберг, голем број држави веќе координираат заедничко отфрлање на сегашната верзија на повелбата.
Во таков контекст, влегувањето на европските држави во тело доминирано од Доналд Трамп изгледа сè помалку веројатно. За разлика од нив, Саудиска Арабија веќе изјави дека дека со задоволство, би се приклучила на новата организација.
Подготвено од М.Д.