127354

05.01.2026 Скопје

Данската премиерка Мете Фредериксен синоќа го повика американскиот претседател Доналд Трамп да престане да се заканува со преземање на Гренланд, откако тој ја повтори својата желба да го стори тоа.

„Апсолутно нема смисла да се зборува за преземање на Гренланд од страна на САД. САД немаат право да анектираат ниту една од трите земји на Кралството Данска“, рече Фредериксен во изјава испратена по е-пошта.

Таа рече дека силно ги повикува САД да престанат да се закануваат на историски близок сојузник и на друга земја и луѓе кои многу јасно ставиле до знаење дека не се на продажба.

Претходно вчера, американскиот претседател Доналд Трамп повтори во телефонско интервју за списанието „Атлантик“ дека Венецуела можеби не е последната земја што е предмет на интервенција на САД, нагласувајќи дека на САД им е потребен Гренланд.

„Навистина ни е потребен Гренланд, апсолутно“, рече Трамп, истакнувајќи дека островот, дел од Данска и сојузник на НАТО, е „опкружен со руски и кинески бродови“.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во саботата изјави дека светот треба да обрне внимание по операцијата во Венецуела.

„Кога ви кажува дека ќе направи нешто, кога вели дека ќе реши проблем, тој навистина го мисли тоа“, рече Рубио.
Трамп постојано нагласуваше дека САД треба да го контролираат Гренланд.

Тој рече дека на другите е да одлучат што значи американската воена акција во Венецуела за Гренланд.
„Тие ќе мора сами да го проценат тоа. Навистина не знам. Марко беше многу дарежлив кон мене вчера. Знаете, во тоа време не размислував за Гренланд. Но, навистина ни треба Гренланд, апсолутно. Ни треба за одбрана“, рече Трамп.

Подготвено од М.Д.

About Author