IMAGE_15662502_4000_0

28.01.2026 Скопје

Стапката на смртност од рак на белите дробови во Европската унија (ЕУ) продолжува да опаѓа и кај жените и кај мажите, а престанокот со пушење сè уште се смета за клучна причина за подобрување на стапките на преживување, велат научниците.

„Ракот на белите дробови останува водечка причина за смрт од рак кај мажите и жените во ЕУ“, вели Карло Ла Векија, раководител на истражувачката група на Универзитетот во Милано.

Иако стапката на смртност кај мажите се намалува од 1990-тите, таа продолжи да расте кај жените до 2010-тите.

Според прогнозата на истражувачкиот тим, оваа година ќе има 23 смртни случаи од рак на белите дробови на 100.000 жители кај мажите и 12 кај жените.

Пушењето е клучен фактор во смртноста од рак, покажуваат резултатите од истражувањата, изјави Ла Векија во соопштението од Европското здружение за медицинска онкологија.

„Намалувањето на консумацијата на тутун останува камен-темелник на превенцијата од рак на белите дробови, а игра и важна улога во спречувањето на други видови рак, како што е ракот на панкреасот.“

Здравата исхрана и медицинскиот напредок, исто така, придонесуваат за подобрени стапки на преживување.

Со неколку исклучоци, намалување на смртноста се бележи и кај други видови на рак.

Земајќи ги сите видови рак заедно, истражувачите предвидуваат стапка на смртност од 114 на 100.000 мажи во ЕУ во 2026 година, што е намалување од осум проценти во споредба со периодот 2020-2022 година.

Кај жените, стапката на смртност се предвидува да биде 75 на 100.000 во 2026 година, што претставува пад од шест проценти.

Единствен исклучок е ракот на панкреас кај жените, каде што стапката на смртност се зголеми за еден процент во споредба со периодот од 2020 до 2022 година и сега изнесува шест на 100.000.

Иако стапките на смртност опаѓаат, апсолутниот број на случаи се зголемува поради стареењето на населението.

Подготвено од М.Д.

About Author