26.01.2026 Скопје
Замислете сладолед што наместо чоколадо или ванила има вкус на… некој лек. Поточно, парацетамол. Една холандска пекара се обиде да ги спои забавата, храната и мамурлакот пред неколку години и веднаш стана вирална приказна.
Во 2016 година пекарата изложи необичен производ на својот излог: сладолед инспириран од парацетамол. Идејата беше едноставна и хумористична, да понуди „десерт за оние што претерале претходната ноќ“.
Секако, приказната веднаш стана вирална, беа споделувани фотографии, луѓето коментираа, а реакциите се движеа од исмевање до прашања како „Дали навистина би го пробале ова?“
Но, реалноста беше сурова. Холандските здравствени власти реагираа брзо и објаснија дека храната не може да содржи лек без строга регулатива и одобрение. Затоа, иако приказната стана вирална, сладоледот никогаш не стигна до клиентите.
Сепак, она што започна како карневалска шега ја демонстрира моќта на креативниот маркетинг, комбинирајќи хумор, необичен концепт и вирален момент.
Денес, приказната продолжува да се споделува како пример за тоа како еден „луд“ кулинарски експеримент може да го освои интернетот, но и како потсетник дека постојат граници кога станува збор за храната и лековите.
Подготвено од М.Д.