09.01.2026 Скопје
Европската Унија разгледа каков би бил европскиот одговор ако се покаже дека заканата од САД во врска со преземањето на Гренланд, полуавтономна територија на Данска, е реална, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
„Пораките што ги слушаме за Гренланд се исклучително загрижувачки“, изјави Калас на прес-конференција со египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати во Каиро.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, сè уште е посветен на НАТО алијансата, додека во исто време неговиот тим за национална безбедност ја разгледува можноста САД да го купат Гренланд, изјави вчера портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Лидерот на најголемата опозициска партија во Гренланд – Налерак, Пеле Броберг, денеска изјави дека Гренланд треба да води директни преговори со американската влада без посредништво на Данска.
„Ја охрабруваме нашата влада да започне дијалог со американската влада без Данска“, изјави Броберг, лидер на опозициската партија Налерак, која се залага за независност на Гренланд. Тој рече дека Данска со своето посредништво ги антагонизира и Гренланд и САД.
Подготвено од М.Д.