0216_rep3_parvl_hero

14.01.2026 Скопје

Луѓето кои страдаат од ретка, но опасна состојба на очите, хипотонија, досега имаа многу мали шанси да ја подобрат својата состојба. Ова е состојба во која притисокот во очното јаболко станува опасно низок, што доведува до негов колапс. Може да има неколку причини за ова – поради слабо производство на желатинска течност во окото или како несакан ефект од операција или одредени лекови.

Досега лекарите користеа стероиди и силиконско масло за да го одржат обликот на очното јаболко, но тоа не им го врати видот на заболените.

Сепак, лекарите во болницата Мурфилдс во Лондон, која има прва клиника во светот посветена на оваа состојба, успеаја да го вратат видот и да спречат слепило кај седум од осум пациенти вклучени во пилот-студија користејќи револуционерна техника.

Наместо силиконско масло, лекарите прибегнаа кон евтин, транспарентен гел на база на вода наречен хидроксипропил метилцелулоза или HPCM. Ова е гел кој веќе се користи во офталмологијата кај некои видови очни операции.

Со вбризгување гел во окото тие успеаја да го вратат видот и да спречат слепило кај своите пациенти.

Иако станува збор за мал број луѓе, високата стапка на успех дава надеж дека оваа терапија би можела да биде ефикасна и за други.

Една од нив, Ники Гај, раскажа за своето искуство. Наместо претходнo слабиот вид, поради кој морала да користи лупа за читање и да ѝ помага да се движи надвор, таа сега е еден чекор поблиску до положување на тестот за вид потребен за добивање возачка дозвола.

Нејзините проблеми започнале во 2017 година, по раѓањето на нејзиниот син. Поради хипотонија, нејзиното десно око ја изгубило својата нормална форма и „се згужвало како хартиена кеса“. Неколку години подоцна истиот проблем се појавил и на левото око.

Откако го изгубила видот на левото око, таа одлучила да бара алтернативни третмани. Не сакала да се откаже и да се предаде на слепилото. Заедно со нејзиниот офталмолог, Хари Петрушкин, тие решиле да ја испробаат оваа нова техника.

“Навистина не можевме ни да сонуваме дека ќе има ваков исход. Некој кој според сите извештаи требаше да го изгуби видот на двете очи… сега живее нормален живот. Тоа е апсолутно извонредно. Не можевме да се надеваме на подобро”, изјави Петрушкин.

Гелот се инјектира на секои три до четири недели во период од 10 месеци. Досега 35 пациенти биле третирани во студијата, а резултатите од првите осум биле објавени во Британскиот журнал за офталмологија.

Доколку се докаже дека е ефикасен кај други пациенти, третманот би можел да им помогне на илјадници луѓе кои страдаат од оваа состојба. Единствениот услов е тие сè уште да имаат одржливи клетки во задниот дел на окото што им овозможуваат да гледаат.

Подготвено од М.Д.

About Author