21.01.2026 Скопје
Румен Радев е најсериозен кандидат за нов премиер на Бугарија – ставот кон Скопје ќе остане непроменет, оценуваат експертите.
Откако Радев официјално ја депонираше оставката до Уставниот Суд во Бугарија, се очекува во најбрз можен рок – судот да ја прифати, а новата шефица на државата Јотова да даде заклетва во Народното Собрание.
Според бугарските аналитичари – Радев нема време за регистрација на партија, но ќе влезе во изборната трка и големи се шансите наскоро да седне и на премиерското столче.
Љубомир Ќучуков поранешен заменик МНР на Бугарија : Румен Радев се разгледува како најсериозна, можеби и едиствена алтернатива на сегашното владеење, од страна на голем дел од бугарските граѓани. Тој тешко дека ќе има можност да регистрира своја партија за изборите, но ќе учествува во нив, судејки по се, ќе се вклучи во некоја поширока платформа користејки ја регистрацијата на некоја од сегшните партии.
Според Ќучуков – проруска етикета ќе биде залепена на името на Румен Радев, за време на изборната кампања во Бугарија. Не очекува темата РС Македонија да стане топка за предизборни политички дофрлувања и дополнителни тензии со Скопје. На прашање дали Радев, ако стане премиер, ќе донесе дополнително замрзнување на односите Скопје- Софија, Ќучуков вели дека бугаската позиција ќе остане иста и со отпор на било какви надворешни пристисоци за дијалог.
Љубомир Ќучуков поранешен заменик МНР на Бугарија : Меѓународните односи ќе се искористат повеќе како етикета против Румен Радев, а не како суштинска дебата. Не очекувам и според мене тоа е позитивно, бугарско-македонските односи да бидат предмет на предизборната кампања. Политиката на Бугарија, не зависно дали е Румен Радев или некој друг ќе биде премиер на Бугарија, нема да претрпи промени, во однос на врските со Република Северна Македонија.
Радев синоќа изјави дека бугарската демократија не треба да биде оставена на корумпирани луѓе и екстремисти и порача дека Јотова ќе биде достоен шеф на државата.
Румен Радев претседател ( во оставка ) на Бугарија : Ќе ја депонирам својата оставка од позицијата – претседател на Република Бугарија. Мора да истакнам дека за овие 9 години, како претседател и заменик претседател, покажавме дека можме да работиме ефективно и усогласено, обединети од заедничка цел. Јас сум убеден дека Илијана Јотова ќе биде достоен шеф на државата
Ставовите на бугарскиот претседател во оставка – Румен Радев, кон РС Македонија, во изминатите години беа јасни. За време на преговорите со софија – пред прифаќањето на францускиот предлог, изјави дека Бугарија не треба да дозволи легитимација на македонизмот и идеологиите на Коминтерната да станат дел од ЕУ. Тој не прифаќа промена на договорите меѓу РС Македонија и Бугарија. Пред објавата на нацрт- акцискиот план за малцинствата, кој Макеоднија мора да го изготви за старт на преговорите, имаше и срдба со бугарските претставници од земјата и порача – Брза инеграција на РС Макеоднија во ЕУ, но не на сметка на Бугарите во земјата.
Подготвено од М.Д.