28.01.2026 Скопје
Попладнево, во 17 часот, од пред Работничкиот дом тргнува поворка работници, за да го изразат своето незадоволство од висината на платите и да побараат зголемување од најмалку 6.000 денари, за минималната да се искачи на 600 евра.
Лидерот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов порача дека овој протест е „за вашите деца, за вашите ќерки, за вашите синови. Овој протест е и за вашите внуки, за вашите внуци, за да ги зачуваме нашите семејства во РС Македонија и да не ни заминуваат во странство“.
Облечете се топло, ставете капа, шал и дојдете на улица во мракот со работниците за да не ве препознае никој доколку Ви се закануваат. Ве молам да разберете дека другите не бројат и дека другите сметаат дека ако не дојдете им давате огромна поддршка да не ви ја зголемат платата и дека вие добро живеете и дека вие зборувате само за убави работи, но реалноста е друга, а тие не ги симнаа розовите наочари и затоа се гледаме на улица во 17 часот од пред симболот на работничката борба – Работничкиот Дом на ССМ. Оттаму продолжуваме пред Собранието каде што пратениците се слепи и глуви на предлогот на Сојузот на синдикатите на РС Македонија за зголемување на вашите плати, а имаат по две, две и пол и три илјади евра плата.
Продолжуваме кај газдите кои се најголемите виновници и кои 36 години ви ги иселија најголемиот дел на вашите пријатели, другари, семејства од РС Македонија и завршуваме пред Владата, таа која како симбол 36 години не прави апсолутно ништо за работниците.
Мораме да кажеме гласно дека платите во РС Македонија се мизерни, дека функционерите за себе си обезбедуваат луксуз на грбот на сиромашниот народ – повика Трендафилов вчера на прес-конференција.
Од ССМ сметаат дека за две години колку што одбива Владата да ја зголеми платата на работниците и колку што одбиваат работодавачите да се договорат со работниците да се зголеми платата, работниците се посиромашни за 9.500 денари или онолку колку што е зголемена вредноста на Синдикалната минимална кошница која ССМ ја пресметува.
Подготвено од М.Д.