09.01.2026 Скопје
Финската компанија Donut Lab на CES 2026 е подготвена за масовно производство на првата батерија од цврст електролит за OEM возила.
На саемот за потрошувачка електроника финскиот стартап Donut Lab отиде чекор понатаму и ја претстави она што го нарекува прва батерија од цврст електролит подготвена за масовно производство.
Компанијата изјави дека батеријата е подготвена за OEM употреба и прво ќе се појави во производствените мотоцикли на Verge Motorcycles, поточно во моделите TS Pro и Ultra. Доколку овие најави се исполнат во пракса, тоа би бил важен момент за електрификација, бидејќи технологијата на цврст електролит за прв пат би преминала од лабораторија во масовно производство.
Donut Lab наведува дека батеријата нуди густина на енергија од 400 Wh/kg, што овозможува помала тежина, поголема автономија и значително поголема слобода во дизајнот на возилата. Едно од клучните тврдења е екстремно брзото полнење, бидејќи батеријата, според компанијата, може да се полни за само пет минути, без потреба од ограничување на полнењето на 80% од нејзиниот капацитет.
За разлика од класичните литиум-јонски батерии, оваа батерија во цврста состојба има минимална деградација на капацитетот и проектиран работен век до 100.000 циклуси на полнење и празнење. Без течен електролит, без термичко бегство и без формирање на метални дендрити, Donut Lab тврди дека причините за палење на батеријата се целосно елиминирани.
Компанијата додава дека батериите се тестирани во екстремни услови. На температури до -30 °C тие задржуваат повеќе од 99% од својот капацитет, додека на температури над 100 °C тие исто така остануваат стабилни, без знаци на палење или деградација.
Во однос на цената, Donut Lab вели дека батеријата користи широко достапни и евтини материјали, без да се потпира на ретки или геополитички чувствителни елементи и може да биде поевтина за производство од традиционалните литиум-јонски решенија. Сепак, компанијата сè уште не го открила точниот состав на ќелиите.
Според извештаите од CES 2026, една единица батерија е со големина на голем паметен телефон и е исклучително лесна, што ја прави погодна за употреба во дронови. Кај мотоциклите повеќе такви батерии се комбинираат во модули од 5 kWh, кои потоа се инсталираат во рамката на возилото.
Електричните мотоцикли Verge опремени со оваа технологија, наводно, можат да се полнат за 10 минути, при што секоја минута полнење обезбедува до 60 километри комбиниран опсег, додека верзиите со продолжен опсег нудат до 600 километри со едно полнење.
Donut Lab, исто така, објави соработка со WATTEV за развој на ултралесни модуларни електрични возила, комбинирајќи ја сопствената технологија на електрични мотори и батерии со цврста состојба.
Извршниот директор, Марко Лехтимаки, вели дека Donut Lab не сакале да зборуваат за оваа технологија сè додека не поминат целосно тестирање и не бидат инсталирани во вистински возила. Според него, батериите во цврста состојба повеќе не се ветување за иднината, туку технологија подготвена за масовно производство денес.
Подготвено од М.Д.