12.01.2026 Скопје
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на Минеаполис, а повеќе од илјада дополнителни протести се одржуваат низ Соединетите Американски Држави поради убиството на 37-годишната Рене Гуд во среда во акција на агент на Службата за имиграција и царина (ИЦЕ), според медиумите.
Протестите се дел од националната кампања „ICE Out For Good“ (ИЦЕ да замине засекогаш), во која организациите за граѓански права и имигрантските заедници бараат одговорност за убиството на Рене Гуд и крај на масовните депортации од страна на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.
Демонстрантите во Минеаполис, за кои полицијата проценува дека се десетици илјади, носеа транспаренти на кои пишуваше „Укинете го ИЦЕ “ и „Нема правда, нема мир“.
Протестите се одржаа и во други поголеми градови, вклучувајќи ги Њујорк, Лос Анџелес, Филаделфија, Остин и Вашингтон, вклучувајќи собири пред Белата куќа.
Организаторите истакнуваат дека протестите се претежно мирни, но во Минеаполис во текот на ноќта имало помали инциденти и материјална штета на некои хотели каде што, според демонстрантите, престојуваат агенти на ИЦЕ.
Министерството за внатрешна безбедност, кое го надгледува ICE, тврди дека агентот пукал во самоодбрана, тврдејќи дека Рене Гуд се обидела да им се закани на полицајците со возилото.
Сепак, државните власти на Минесота и градските службеници на Минеаполис велат дека снимките од очевидци фрлаат сомнеж врз таа верзија на настаните и дека е покрената кривична истрага за инцидентот.
Смртта на Рене Гуд дополнително ги зголеми тензиите меѓу федералните власти и демократското раководство на Минесота, кое веќе го критикуваше масовното распоредување на повеќе од 2.000 федерални агенти во областа.
Подготвено од М.Д.