milenici

30.01.2026 Скопје

Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство за решавање на постоечкиот проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините, информираше директорот на АХВ Оливер Миланов.

“Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија”, изјавил министерот за локална самоуправа Златко Перински на состанокот на АХВ, Град Скопје и ЗЕЛС.

По добивањето на „зелено светло“, градоначалникот Ѓорѓиевски потенцирал дека следен чекор е дефинирање на локации во општините за изградба на гробиштата за миленици и планирање на инфраструктурата која треба да се изгради за тие целосно да можат да се стават во функција на граѓаните, се вели во соопштението на АХВ.

Од Агенцијата додадоа дека на овие состаноци се разговарало и за предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку имплементација на систем на прифатилишта во секоја локална самоуправа.

Според директорот Миланов, во предлог законските измени се веќе земаат предвид забелешките и предлозите од здруженијата за заштита и благосостојба на животните, а ќе се разгледаат и предлозите на општините.

Подготвено од М.Д.

About Author