R (64)

22.01.2026 Скопје

Големиот проблем кај децата со прекумерно користење на социјалните мрежи и на паметните мобилни телефони е присутен и во РС Македонија, поради што е разговарано со повеќе десетини испитаници, родители на деца адолесценти, кои ги споделија своите впечатоци во врска со отворената тема.

Од мини-анкетата, во која, патем споменато, во голем дел се добиени слични одговори и ставови, пошироко се осврнуваме на двајца средовечни родители, татковци на деца на тинејџерска возраст, кои пообемно ги споделија нивните видувања и мисли за оваа состојба и за надминување на тешкотиите што произлегуваат од прекумерната употреба на модерните технологии.
Родител од Скопје, татко на двајца тинејџери, ја поздравува оваа мини-анкета, за социјалните мрежи и мобилната телефонија, истакнувајќи ја својата загриженост за однесувањето на младите.

Напредната технологија, која требаше да биде олеснителна работа во денешницата, но, за жал, прерасна во зависност, слободно би ја нарекол електронска дрога. Своевремено, првите пејџери олеснуваа многу работи во комуникациите. Понапредна, но сѐ уште во разумни количества, конекција настана со појавата на мобилните телефони, кога подем забележа технологијата што ја понудија познатите компании „Нокија“, „Сони“, „Ериксон“, „Самсунг“ и многу други. Но, и тогаш како корисници не бевме зависни, а камоли запоседнати 24-часовно од мобилните телефони, како што е случај во последните години со масовната употреба на т.н. паметни мобилни телефони и со целата таа напредна технологија во самиот уред. Последново, според мое мислење, дојде до самиот крај на приватноста, дружењето, воспитувањето на идните поколенија, а човештвото го претвори во електронски наркомани – истакнува еден од родителите.

Младата популација легнува и станува со мобилните во рака, а повозрасната е вклучена на социјалните мрежи како Фејсбук, Инстаграм, Тикток и многу други мрежи на кои се гледа кој и со колку допаѓања има гледаност.

Решенијата во справувањето со големиов проблем, друг родител ги гледа пред сѐ во семејното воспитување, но и во обидите на државните институции со некои нивни мерки (акти) да го сведат тоа користење на помала мера.

Со други зборови, се отуѓивме како луѓе. Во кафе-баровите и рестораните сите ги држат мобилните телефони во рака и разговорите се сведени на минимум. На тоа би се надоврзал со една шега, која не е далеку од вистината. Имено, четири девојки седат во кафе-бар, секоја е окупирана со својот мобилен телефон, и еден час подоцна ја креваат главата и велат: Се зазборевме, ајде да си одиме. Како опомени, но пред сѐ поука и правец во кој сметам дека е пожелно да се движи и РС Македонија во справувањето со предизвиците од напредната, но и вештачката интелегенција, се следниве информации.

Во Народна Република Кина држат кампови за одучување од мобилни телефони, бидејќи државата сфати дека младата популација буквално се претвори во роботи. Неодамна Владата на Австралија донесе закон со кој лицата под 16 години не смеат да користат социјални мрежи… Апелирам до сите да практикуваат повеќе прошетки, рекреативен спорт и планинарење, посета на реки, паркови и слично, собири во друштва за разонода без држење на мобилните во рацете. Од една страна треба да ги воспитуваме децата да ја сакаат и чуваат природата. Од друга страна треба што е можно повеќе да им втемелиме да им стане одвратна самата помисла на што било од следново: да играат во обложувачниците и/или коцкарниците, да користат разни дроги… Мојата сопруга и јас чиниме, и ќе чиниме, сѐ за да ги изведеме нашите деца на вистинскиот пат. Секако, патот до целта не е лесен, бидејќи за младиот свет, штом ќе излезе од дома, сѐ е искушение и треба да се бори со сите проблеми. На крајот, би ја повторил како општо полесна и душокорисна изреката: Сакате да заработите од коцка? Воопшто не влегувајте во казино. Со самото тоа, веќе сте во добивка – вели еден од родителите.

Друг родител од Скопје, кој е татко на две тинејџерки, единствениот спас во моментов, во оваа ситуација, го гледа во тоа родителот да посвети повеќе време за грижа и комуникација со своето дете.

Влијанието на мобилните телефони и социјалните мрежи е огромно, особено во средините каде што нема силна домашна продукција како алтернатива. Проблем претставуваат и либералните ставови дека сѐ е дозволено и не треба државата да биде регулатор. Единствен спас во моментов, во сегашнава ситуација, е родителот да посвети подолго време за грижа и комуникација со својот наследник. На тој начин тој ќе може да се запознае со содржините што ги следи младиот и негативните ќе може да ги пресретне, односно да му укаже што е штетно во нив и зошто истите тие поттикнуваат општествена деградација и создаваат пречки во развојот на зрелоста на личноста.

Тој додава дека има разни форми и содржини што би можеле да го одведат младото лице во сосема погрешен правец на размислување за себе и да биде ставено во заблуда за тоа кои треба да бидат вистинските вредности.

Културолошки, социјалните мрежи знаат да бидат промотори на снобизмот, покондирувањето, потрошувачкото општество, малограѓанштината, кичот и шундот. Со овие феномени, младиот човек не само што нема да може правилно културолошки да се изгради доколку ја нема потребната поддршка од родителите, туку уште и во иднина ќе брани сосема спротивни и погрешни вредности. Тука не смее по линија на помал отпор да се потценат и штетните последици од идеологиите што се наметнуваат преку музичката продукција и телевизиските платформи, сето тоа со поддршка на социјалните мрежи. Од овој аспект, треба сеприсутниот родител во континуитет да објаснува дека постојат само нормални и ненормални вредности, а не модерни и конзервативни. Нормалните вредности се безвременски и универзални, за нив не постои модерното време како влијание – посочува родителот.

Подготвено од М.Д.

About Author