28.01.2026 Скопје
Некои од најголемите светски производители ја повлекуваат формулата за бебиња од пазарот.
По глобалното повлекување на формулата за бебиња од страна на некои од најголемите светски компании, француските власти истражуваат смрт на две бебиња за кои се вели дека консумирале формула на „Нестле“ погодени од повлекувањето поради контаминација со цереулид.
Причинско-последична врска сè уште не е научно утврдена, изјави француското Министерство за здравство. Нестле соопшти дека продолжува да ги следи случувањата и соработува со властите во целосна транспарентност, обезбедувајќи ги сите потребни информации.
Фламанската влада во Белгија потврди дека едно бебе се разболело во јануари 2026 година откако консумирало контаминирана формула на „Нестле“: „Детето повраќало и имало водена дијареја, но за среќа целосно се опоравило по околу десет дена. Со анализа на примероци од столицата, потврдивме дека болеста е предизвикана од контаминација со цереулид од млечниот производ на ‘Нестле’“, рече Јорис Муненс, портпарол на Министерството за грижа.
Властите потврдија дека серискиот број на млечниот производ што ја предизвикал болеста кај бебето во Фландрија припаѓа на сериите опфатени со националното повлекување во Белгија.
Што е цереулид и какви се последиците за бебињата?
Цереулид е термостабилен токсин произведен од бактеријата Bacillus cereus што може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја што се јавуваат многу брзо по консумирањето на млекото – помеѓу 30 минути и три часа, а симптомите се многу слични на стомачен вирус.
Контаминацијата започна на почетокот на декември минатата година. На 10 декември, Nestlé France објави повлекување на формула за бебиња произведена во нивната фабрика во Нунспет, Холандија, поради сомнение за контаминација со цереулид.
Контаминацијата беше проследена до кинески добавувач на масло од ARA (арахидонска киселина), клучна состојка во премиум формулата за бебиња.
Од крајот на декември 2025 година, сите производители на формула за новороденчиња ширум светот кои користат масло од ARA од тој добавувач мора да спроведат сопствена проценка на ризикот за да ја обезбедат безбедноста на нивните готови производи, соопшти француското Министерство за земјоделство.
Подготвено од М.Д.