16.01.2026 Скопје
Живот на вересија, ќе ви кажат граѓаните во однос на нивните можности да добијат кредити, уште помалку да заштедат некој денар. Едни се стегаат меѓу потребите и можностите, други земаат кредити па едвај ги враќаат. Иако помалубројни оние кои можат да заштедат, велат, си ги распределуваме приходите според потребите. Некои, пак, си прават од готово – вересија па подигнуваат кредити за кои лесно ќе се соочат со извршители.
Но, податоците од Народна банка за минатата година ги демантираат граѓаните, штеделе повеќе, а и кредити земале повеќе. Според банковната статистика во ноември месец минатата година, вкупните депозити на домаќинствата бележат раст од 0,4%. Во споредба со ноември претходната година, растот изнесува 12,4% и главно се должи на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута. И кредитите на домаќинствата се повисоки за 1,1% и 11,1% на месечна и на годишна основа. Промената кај двете основи е одраз на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари, тврдат од Народна банка.
„На македонските граѓани во ноември им биле одобрени најмногу потрошувачки и станбени кредити со раст од 0,9% и 1,6%, при годишен раст од 10,5% и 16,5%. За автомобилски кредити, и на месечно и на годишно ниво се бележи зголемување од 1,6% и 0,4%. Намалување бележат кредитите одобрени на кредитните картички за 0,5% и 6,4% на месечна и на годишна основа. Додека пак кредитите одобрени врз други основи, во ноември се со месечно и годишно намалување од 0,8% и 10,0%“, велат од Народна банка.
Вкупната парична маса забележала раст од 11,2%, на годишно ниво поради зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити, готовите пари во оптек и долгорочните депозити до две години.
Во ноември, пак, вкупните депозити од корпоративниот сектор и од домаќинствата се повисоки за 0,3% и 11,0% на месечна и на годишна основа, додека вкупните кредити, пак, бележат раст од 1,3% и 12,7% на месечна и на годишна основа.
Подготвено од М.Д.