14.01.2026 Скопје
На иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во Клубот на пратениците треба да се одржи лидерска средба на претседателите на парламентарните партии кои имаат пратенички групи во Собранието, на која, како што е најавено, ќе се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од опозициските пратенички групи, потврда за учество има од лидерите на Левица и на ДУИ, Димитар Апасиев и Али Ахмети, додека претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот на Мицкоски .
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата ВРЕДИ, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Лидерската средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ. ЛДП преку соопштение изрази подготвеност да присуствуваат на најавената лидерска средба, но не само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема туку заради одговори на клучните прашања, кои директно го засегаат животот на граѓаните.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција на 8 јануари , рече дека не сака да седи со криминалци и го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада, обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“.
Според Филипчe, техничката влада мора да остане затоа што била гарант за фер избори и контролен механизам за да се спречи злупотреба на институциите. За реформската агенда, пак, рече дека дискусијата за законите ќе се води во парламентот каде што СДСМ ќе ги поддржи сите. Додаде и дека СДСМ во секој случај ќе учествува на парламентарни избори, ако бидат распишани.
Подготвено од М.Д.