20.01.2026 Скопје
Портпаролот на Европската комисија вчера, по повод најавениот протест на Здружението на превозници на земјите од Западен Балкан во врска со системот за влез и излез (EES) за 26 јануари, изјави дека Комисијата внимателно го следи прашањето и е во контакт со партнерите од Западен Балкан.
Тој на прес-конференцијата рече дека правилата за престој во Шенген-зоната се јасни , дека постои одредена вградена флексибилност, односно дека лицата со локална дозвола, дозвола за локален граничен сообраќај, не се обврзани да се регистрираат во системот за влез и излез.
„Одлуката за тоа дали да се спроведуваат случајни гранични контроли или не е на земјите-членки на надворешните граници, а не на Комисијата“, рече тој.
Тој објасни дека системот EES не воведува никакви нови барања во врска со времетраењето на кратките престои во Шенген-зоната и дека неговата цел е да обезбеди подобра примена на постојните правила и систематско откривање на неправилности.
Шенгенски правила
„Според Шенгенските правила, граѓаните на земјите без визи имаат право да останат во Шенген-зоната 90 дена во кој било период од 180 дена. Сè што е надвор од ова мора да биде опфатено со долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка. Шенгенските правила, исто така, предвидуваат флексибилност во однос на прекуграничните работници, а особено, работниците кои ја преминуваат границата на истиот граничен премин ќе бидат предмет само на случајни проверки“, рече тој.
Здруженијата на транспортери на земјите од Западен Балкан (ЗБ) објавија дека од 26 јануари ќе ги блокираат карго премините со земјите од Шенген зоната поради, како што велат, проблемите предизвикани од системот EES, кој ги евидентира влезот и излезот на превозниците.
Претставниците на транспортните здруженија на Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, како и нивните колеги од Република Северна Македонија, ги поддржаа во писмо, посочувајќи на прес-конференција во Белград дека причина за ова се несоодветните реакции на Европската комисија и земјите од Шенген зоната во врска со третманот на професионалните возачи и ограничувањето на нивниот престој на Шенген територијата за време на секојдневните работни активности.
Подготвено од М.Д.