02.01.2026 Скопје
Индија официјално ја престигна Јапонија и стана четврта најголема економија во светот со бруто домашен производ од 4,18 трилиони долари, а се очекува да ја престигне Германија и да го заземе третото место до 2030 година.
Владата во Њу Делхи, во својот годишен извештај, прогнозира дека бруто домашниот производ на Индија ќе изнесува 7,3 билиони долари во 2030 година.
Во вториот фискален квартал, од јули до септември, економијата на Индија порасна за дури 8,2 проценти годишно, што е највисока стапка на раст меѓу големите економии.
Силната домашна потрошувачка и зголемувањето на приватните инвестиции се клучни двигатели на растот, а аналитичарите истакнуваат дека стабилната фискална политика и растечките кредитни текови им овозможија на компаниите да го прошират производството и да ја зголемат вработеноста, што дополнително го зајакнува економскиот моментум.
Индиската влада спроведе низа реформи во текот на изминатата година што го олеснуваат работењето, вклучително и подобрувања на даночниот систем и стимулации за странските инвеститори.
Овие мерки создадоа средина погодна за долгорочни инвестиции и технолошки развој, што е особено важно за индустриите со висока додадена вредност.
Меѓународните финансиски институции го потврдуваат оптимизмот – Светска банка очекува економски раст на Индија од 6,5 проценти во 2026 година, агенцијата Мудис прогнозира раст помеѓу 6,4 и 6,5 проценти, додека ММФ и ОЕЦД предвидуваат стабилен раст во наредните години.
Подготвено од М.Д.