grenland-mapa

09.01.2026 Скопје

Гренланд треба да води директни преговори со американската влада без посредништво на Данска, изјави лидерот на најголемата опозициска партија во Гренланд – Налерак, Пеле Броберг.

„Ја охрабруваме нашата влада да започне дијалог со американската влада без Данска“, изјави Броберг, лидерот на опозициската партија Налерак, која се залага за независност на Гренланд.

Тој рече дека Данска со своето посредништво ги антагонизира и Гренланд и САД.

На минатогодишните избори, Налерак го дуплираше бројот на парламентарни места на осум, освојувајќи 25 проценти од гласовите во земја со само 57.000 жители. Партијата сака договор за одбрана со Вашингтон и ја разгледува опцијата за „слободен сојуз“ врз основа на кој Гренланд би добил американска заштита и поддршка во замена за воени привилегии, без целосен пристап на САД.

Сите партии во Гренланд се стремат кон независност, но се разликуваат во однос на начинот и времето на нејзино реализирање. Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мокфелд, изјави дека Гренланд не може да води директни преговори со САД без Данска, бидејќи законот не го дозволува тоа.

„Мораме да го почитуваме законот и да имаме правила за тоа како да ги решаваме прашањата во рамките на Кралството“, изјави таа за весникот „Сермицијак“.

Мокфелд додаде дека е важно да се воспостави стабилен тек на односите со Вашингтон.

„Мојата најголема надеж е дека состанокот ќе доведе до нормализација на нашите односи“, заклучи таа.

Гренланд е автономна територија на Кралството Данска со свој парламент и влада, додека Копенхаген ја задржува контролата врз надворешната политика и одбраната. Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, неодамна ги повтори своите закани за преземање на Гренланд, оживувајќи ја идејата што првпат ја изнесе во 2019 година.

Островот, стратешки лоциран помеѓу Европа и Северна Америка, е важен за американскиот систем за балистичка ракетна одбрана, а неговите богати минерални ресурси му одговараат на Вашингтон да ја намали зависноста од Кина, според агенцијата.

Подготвено од М.Д.

About Author