816150_cover123_f

22.01.2026 Скопје

Глетката од минатото лето на која претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, со кренат палец нагоре и со широка насмевка стои покрај американскиот претседател Доналд Трамп на неговото голф-игралиште во шкотски Тарнбери, претставува горчливо сеќавање за лидерите на Европската Унија.

Таа симболизира слика за Европа потчинета на диктатите на американскиот претседател со прифаќање на неговите царини од 15 отсто за европските производи. Трговскиот договор што некои го сметаат за срамен, други за нужно зло, требаше да донесе стабилност и предвидливост, според претседателката на Комисијата.

Но шест месеци подоцна, Трамп ѝ се заканува на Европа со нова трговска војна, со дополнителни царини од 10 отсто на 1 февруари и 25 отсто на 1 јуни, сè додека не успее да го добие Гренланд. Ова е покрај царините од 200 отсто за француските вина и шампањи што се појавија во последните часови. По една година од вториот мандат на републиканскиот милијардер, Европа почнува да ја сфаќа суровата реалност.

Токму Фон дер Лајен, зборувајќи на Светскиот економски форум што се одржува неделава во Давос, Швајцарија, ја доведе во прашање доверливоста во Трамп откако тој најави нови тарифи за европските сојузници поради прашањето за Гренланд. Шефицата на ЕК во таа пригода порача дека трговскиот договор од јули мора да се почитува.

Надежите за помирување завршија, времето за преговори заврши, сега е време за храбри одлуки. Соединетите Американски Држави не се однесуваат како сојузник – забележува Валери Хајер, претседателка на центристичката група Обнова во Европскиот парламент.
Првата последица од новонастанатата ситуација се однесува на ратификацијата на Договорот од Тарнбери (треба да ги намали царините за американските производи увезени во Европа на „нула отсто“), бидејќи процесот е суспендиран од мнозинските партии во Парламентот во Стразбур.

Ние сме на пресвртница. Сега, единствената агенда што е важна е потврдувањето на европскиот суверенитет. Дури и ако тоа значи прифаќање одреден степен на изолација.

Подготвено од М.Д.

About Author