eu sad

22.01.2026 Скопје

Дури и пред пристигнувањето на Трамп и неговата придружба на Светскиот економски форум во Давос, некои од европските лидери сакаа да им дадат на преговорите последна шанса. Меѓу нив беа Фон дер Лајен и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој се надева дека ќе се сретне со американскиот претседател во швајцарското одморалиште.

Во меѓувреме Европејците заткулисно се подготвуваат за можен одговор на новите тарифи на САД, со ризик од ескалација. Станува збор за список на контрасанкции насочени кон американски производи во вредност од 93 милијарди евра, изготвен минатата година, а потоа суспендиран, кој е подготвен да биде распореден уште на 6 февруари.

За францускиот претседател Емануел Макрон време е да се искористат, како што вели тој, „многу моќните“ алатки што им се на располагање за да се одговори на офанзивата на американскиот претседател, која, според него, „отворено има цел да ја ослабне и потчини Европа“.

За да продолжат понатаму, 27-те земји членки на ЕУ треба да разговараат, на вонреден самит свикан за денеска во Брисел, за можноста за користење на нивната таканаречена „финансиска базука“, инструментот против принуда. Тоа би им овозможило да ги блокираат американските инвестиции, да ја укинат примената на нивните патенти и права на интелектуална сопственост, да го намалат увозот или да спречат пристап до јавни набавки. Нов развој во споредба со минатата година е тоа што Германија наводно е подготвена да ја поддржи Франција во ставањето на овој инструмент на маса на 1 февруари, ако Трамп ги оствари своите закани.

Тоа би можело да значи исклучување на американските економски гиганти „Нетфликс“, „Амазон“ или „Гугл“ од европскиот пазар, дури и ако ги лиши потрошувачите од услуги што станале дел од нивниот секојдневен живот. Без да одат нужно толку далеку, европските лидери ќе ја тестираат својата решителност за време на овој првичен состанок закажан за вечерва. Комисијата утре ќе свика „колеџ за безбедност“ за да ги преточи своите намери во конкретни мерки. Сепак, не се очекуваат спектакуларни најави.
– Европската цврстина ретко е момент на воодушевување – предупредува европратеничката Натали Лоазо (Хоризонти).
Но, според неа, постојат растечка свест кај јавноста и нов развој во споредба со минатата година во деловната заедница за потребата да се наметне нејзиниот авторитет.
– Разводот е пред финализирање. Европејците „веќе не се надеваат дека ќе го спасат бракот; во најдобар случај, се надеваат дека еден ден повторно ќе станат добри пријатели“ со Американците.

Подготвено од М.Д.

About Author