05.01.2026 Скопје
Европската Унија ги повика сите актери на смиреност и воздржаност со цел да се избегне ескалација и да се обезбеди мирно решение на кризата во Венецуела, објавија синоќа 26 земји-членки на ЕУ.
Во соопштението на Дипломатскиот совет на Европската Унија се наведува дека ЕУ потсетува дека принципите на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации мора да се почитуваат во сите околности.
Како што е наведено, членовите на Советот за безбедност на Обединетите нации имаат посебна одговорност да ги заштитат овие принципи, како столб на меѓународната безбедносна архитектура.
ЕУ постојано нагласува дека венецуелскиот претседател Николас Мадуро нема легитимитет на демократски избран претседател и се залага за мирна транзиција кон демократија во Венецуела, предводена од самите Венецуелци, почитувајќи го суверенитетот на земјата, се вели во соопштението.
Правото на венецуелскиот народ да одлучува за својата иднина мора да се почитува, се вели во соопштението.
ЕУ го дели приоритетот на борбата против транснационалниот организиран криминал и трговијата со дрога, кои претставуваат значителна закана за безбедноста во светот, соопшти Дипломатскиот совет на ЕУ.
Во исто време, ЕУ нагласува дека овие предизвици мора да се решат преку одржлива соработка, со целосно почитување на меѓународното право и принципите на територијален интегритет и суверенитет.
„Во близок контакт сме со Соединетите Американски Држави, како и со регионалните и меѓународните партнери, за да го поддржиме и олесниме дијалогот со сите вклучени страни, што ќе доведе до договорено, демократско, инклузивно и мирно решение за кризата, предводено од Венецуелците“, се вели во соопштението.
Почитувањето на волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин Венецуела да ја врати демократијата и да ја реши сегашната криза, додаде Дипломатскиот совет на ЕУ.
Во овој критичен момент, од суштинско значење е сите актери целосно да ги почитуваат човековите права и меѓународното хуманитарно право, се вели во соопштението.
Сите политички затвореници кои моментално се притворени во Венецуела треба да бидат безусловно ослободени, нагласи Дипломатскиот совет на ЕУ, додавајќи дека конзуларните власти на земјите-членки на ЕУ работат во тесна координација за да ја заштитат безбедноста на граѓаните на ЕУ, вклучително и оние кои се нелегално притворени во Венецуела.
Изјавата беше поддржана од 26 земји-членки на ЕУ: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија и Шведска.
Подготвено од М.Д.