31.01.2026 Скопје
За прв пат во историјата на европскиот пазар на автомобили, електричните возила ја надминаа продажбата на бензински автомобили на ниво на Европската Унија, објави денес Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Според податоците на ACEA, во декември 2025 година, целосно електричните возила беа први во однос на новите регистрации, сочинувајќи речиси една четвртина од сите новорегистрирани возила во Европската Унија, се вели во соопштението на Здружението на електрични возила.
Уште поважно, Здружението го зема предвид фактот дека возилата со батерија внатре, вклучувајќи ги електричните возила и хибридите, моментално сочинуваат две третини од вкупниот пазар. „Декември, со тоа, означи јасна пресвртница во насока на електрификација на патниот транспорт во Европа“, смета Здружението.
Здружението го поздравува овој развој на настаните и нагласува дека тоа е пресвртница што потврдува дека електричните возила повеќе не се само еколошка алтернатива, туку преовладувачко заедничко решение за личен и професионален транспорт.
Долгорочните трендови во ЕУ покажуваат континуиран раст на уделот на електричните и хибридните возила, со истовремен пад на бензинските и дизел моделите, кои од една од најпродаваните групи во статистичките извештаи преминаа во категоријата „други“.
Подготвено од М.Д.