22.01.2026 Скопје
Светските лидери се собраа на Светскиот економски форум во Давос, но темите што доминираат не се само економски. Гренланд, Арктикот и новите глобални сојузи стануваат симболи на длабоките промени во меѓународната политика. Она што прво може да изгледа како „егзотика“,имено опсесијата на Трамп со Гренланд, всушност е прозорец кон пошироката слика на новата геополитичка реалност, која се отвора токму во Давос!
Токму Светскиот економски форум во Давос во 2026 година осветлува една нова слика на светот што се гради пред нашите очи. Давос, а и ние со него сме сведоци на почетокот на историското јавно признавање на светските лидери дека во игра влегува нов, мултиполарен поредок, и тоа низ различни форми и геополитички комбинаторики, па и конфликти. Но Гренланд не е крајна цел на конфликтот, туку активирачка точка во сложената мрежа на моќ. Контролата над островот значи стратешка предност во Арктикот – центар на енергетски ресурси, воени коридори и идни трговски патишта. Оттука се пренесува влијание врз Русија, Канада и Европа. Трамп не ја крие оваа стратегиска визија, јавно изјавувајќи дека Гренланд е „императив за националната и глобалната безбедност“, со што ја потврдува сериозноста на американскиот интерес во регионот.
Паралелно, Трамп го користи британскиот спор за островите Чагос како илустрација за слабоста на традиционалните сојузници, нагласувајќи дека современата геополитика бара проактивна и прагматична стратегија. Тој ја промовира визијата за „буден империјализам“ на САД, каде што националните интереси не се жртвуваат за реторика на солидарност.
Од европска страна, реториката звучи значително поархаично, но и нејзината тежина не е мала. Каја Калас и Урсула фон дер Лајен ја реафирмираат потребата од принципиелност и мултилатерализам. „Ниту една земја нема право да заземе туѓа територија, ниту во Украина, ниту во Гренланд, никаде во светот“, рече Калас. Фон дер Лајен повика на „нова независна Европа“, која треба да најде свој глас во светот во кој старите поредоци повеќе не функционираат.
Работите во Давос се осветлени од една друга, реална перспектива. Давос 2026 ја открива суштината на пресвртот во светската политика: сојузите стануваат условни, а принципите и националните интереси понекогаш се во контрадикција. Светската јавност е сведок на јавното признавање дека глобалната сцена се менува, и тоа брзо. Контролата над стратешки точки како Гренланд, позиционирањето кон Арктикот и начинот на кој земјите балансираат помеѓу соработката и конкуренцијата ќе го дефинираат следниот геополитички поредок.
Дали Давос ќе остане само платформа за економски и реторички изјави или ќе стане место каде што лидерите јавно ги признаваат новите историски, политички и безбедносни реалности? Одговорот ќе се дава низ чекорите што следуваат на теренот – во Арктикот, Европа и пошироко. Но една работа е јасна: светот што се гради пред нашите очи е поинаков, а Давос само го осветлува патот кон него.
Подготвено од М.Д.