11.12.2025 Скопје
РС Македонија, покрај од увоз на јаглен за производство на струја, е зависна и од увозите на странска струја. По падот во 2023 година, лани повторно пораснале процентите на увезената струја во вкупната потрошувачка во земјата. РС Македонија има преземено обврски за транзиција кон зелена енергија, за кои од странство доаѓаат потсетувања. Транзицијата би значела и загрозување на работни места.
РС Македонија „со текот на годините станува увозно зависна земја во однос на потребите од електрична енергија, a почна и да увезува лигнит за производство на електрична енергија“, потенцира Регулаторната комисија за енергетика во извештајот за 2024 година објавен годинава. Во извештајот се додава дека „увозната зависност на Република Северна Македонија се одредува врз база на односот помеѓу домашното производството на електрична енергија и бруто потрошувачката на електрична енергија, во која се зема предвид потрошувачката на електрична енергија на крајните потрошувачи, вклучувајќи ја и електричната енергија потребна за покривање на загубите на електрична енергија во електропреносната мрежа и во електродистрибутивните мрежи“.
АД МЕПСО, како оператор на електропреносната мрежа, објавува дневни извештаи во кои стојат одредени количини на загуби во мегават часови. Прашавме на што се должат тие загуби, односно каде и како се губи произведената струја во РС Македонија?
„Количината на загуби на енергија во електропреносната мрежа се пресметува како разлика од вкупниот влез на електрична енергија во електропреносниот систем и вкупниот излез на електрична енергија од електропреносниот систем. Тоа значи дека енергијата, од точката на влез во системот до точката на излез од системот, поминува одреден пат по проводниците, поминува и низ трансформаторите, при што доаѓа до нивно загревање. Таа топлинска енергија што се ослободува од елементите на електропреносната мрежа ја претставува загубата на енергија во електропреносната мрежа“, стои во одговорот од АД МЕПСО во кој се додава и дека„за МЕПСО количината на загуби на енергија зависи од висината на вкупниот конзум; од расположливоста и оперативноста на трансформаторските единици; од вкупното домашно производство на електрична енергија и од количината на транзитна електрична енергија низ електропреносниот систем на МЕПСО“.
Вредностите на загубената струја биле под дозволеното ниво.
„Движењата на енергијата низ електропреносниот систем се големи и постојани, па затоа загубите се неминовни. Сепак, тие се движат во рамки на планираните и се под дозволеното ниво на загуби на енергија во електропреносната мрежа на МЕПСО“, стои во одговорот на државната компанија, која управува со преносниот систем на електрична енергија во РС Македонија.
На земјата ѝ фалат постројки за складирање на произведената струја од обновливи извори. Затоа годинава се донел нов Закон за енергетика, според кој сите идни електроцентрали на обновливи извори ќе мораат да имаат и складишта за произведената струја.
„Со донесувањето на новиот Закон за енергетика се воспостави обврска сите нови фотонапонски електроцентрали да проектираат и изведат складиште за произведената електрична енергија во состав на електроцентралата. Имено, електроцентралите, кои користат варијабилен обновлив извор на енергија, имаат обврска во склоп на електроцентралата да инсталираат складиште на електрична енергија со инсталирана моќност еднаква на 20% од инсталираната моќност на електроцентралата изразен во MW“, објаснуваат во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
За електроцентралите на соларни панели се сметал „збирот од максималните моќности на сите инсталирани инвертери“, а кај електроцентралите на ветерници се сметал „збирот од максималните моќности на инсталираните генераторски единици“. Во Министерството за енергетика додаваат и дека „капацитетот на инсталираното складиште мора да обезбеди циклус на полнење и празнење од минимум два часа со максимална инсталирана моќност на складиштето“.
Инвеститорите можат да достават барање за изградба на складиште на струја до оваа институција – како самостојна постројка или како дел од електроцентрала.
„Информираме дека во законски предвидениот рок се доставени повеќе иницијативи за изградба на складишта кои во моментов се обработуваат“, велат во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
РС Македонија, како земја-кандидат за членство, мора да се усогласи со климатските политики на ЕУ. Тоа се однесува и на зелената транзиција. Доколку не ги исполни целите, може да се соочи со ограничен пристап до фондовите на ЕУ. Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на РС Македонија во делот за енергетиката се нагласува дека препораките од минатата година не биле целосно имплементирани.
„Република Северна Македонија е умерено подготвена во областа на енергетиката. Постигнат е одреден напредок во обновливата енергија, со инвестиции во соларни електрани и во регионални гасни интерконектори. Земјата треба да го забрза својот премин кон зелена енергија и да ја намали својата зависност од јаглен и гас“, стои во извештајот од Европската комисија.
Европската комисија во Брисел е уште подиректна во укажувањето на преземените обврски во одговорот што го испрати до нас, укажувајќи на затворање на РЕК „Битола“ до 2027 година.
„Република Северна Македонија мора да ја намали зависноста од јаглен. ЕУ силно препорачува Владата да продолжи да ги спроведува и да ги следи усвоените планови и мапи за праведен премин, со цел најбрзо што може да се постигне постепеното укинување на јагленот. Според Националниот план за енергија и клима, термоцентралата на јаглен во Битола треба да биде затворена до 2027 година, што се смета за неопходен чекор кон исполнување на целите за декарбонизација на енергетскиот сектор до 2030 година“, стои во одговорот на Европската комисија во Брисел.
Производството на струја во РС Македонија е зависно од увозите на јаглен. Увозот на јаглен за македонската индустрија, во која спаѓа и производството на струја, меѓу јануари 2015 и септември 2025 година изнесува 5.563.477.456 килограми, или претворено во евра 338.321.680€. Во истиот период од РС Македонија се извезени 126.265.476 килограми јаглен во вредност од 6.073.082 евра.
Подготвено од М.Д.