18.12.2025 Скопје
Ќе се зголеми ли минималната плата пред законското усогласување во март следната година? Одговорот на ова прашање најверојатно ќе се знае следниот понеделник, за кога е закажана нова седница на Економско-социјалниот совет, каде средба ќе имаат владини претставници, синдикати и работодавачи. Од Владата остануваат на ставот дека секој договор помеѓу Синдикатот и бизнис заедницата во однос на зголемувањето на минималната плата ќе го почитуваат.
Ова не е зголемување туку законско усогласување со трошоците за живот, демантираат синдикалците, кои не се откажуваат од зголемување на минималецот надвор од рамките на законското решение.
Инаку, РС Македонија и понатаму останува на дното во регионот по минималната и просечната плата. Од следната година минималецот во Србија ќе скокне на 550 евра, во Косово ќе изнесува 500 евра, додека во Албанија 515 евра. Од Нова година минималната плата ќе се зголеми и во Бугарија и таму ќе изнесува над 600 евра. Македонските работници останаа единствени во регионот што земаат минималец под 500 евра.
Подготвено од М.Д.