2016261-970923-1287x836

13.12.2025 Скопје

Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, ќе отпатува во Берлин на разговори со Володимир Зеленски и европските шефови на држави или на влади за мировно решение за војната во Украина. Ова го потврди портпарол на Белата куќа за неколку американски медиуми.

И зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, доаѓа во Берлин. И Виткоф и Кушнер неодамна, по налог на администрацијата во Вашингтон, преговараа со украински и руски претставници за условите за прекин на огнот во Украина.

Целта на консултациите е да се изработи заеднички став за мировен договор со Русија. За Русија треба да се креира понуда за преговори, изјави претставник на кабинетот на францускиот претседател.

Фактот дека САД испраќаат дури двајца претставници во Германија може да се протолкува како знак на оптимизам од страна на американската влада, јавува дописникот на германска телевизија, Самуел Јакиш, од Вашингтон. Во четвртокот, Белата куќа порача дека ќе учествуваат на состанокот само ако има доволно суштински напредок кон прекин на огнот.

Францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и канцеларот Фридрих Мерц, исто така, треба да учествуваат на состанокот во Берлин. Се очекува присуство и на високи претставници на Европската Унија и НАТО.

Германската влада веќе потврди дека Мерц во понеделник ќе го прими украинскиот претседател на економски разговори и „размена на мислења за состојбата на мировните преговори во Украина“. Вечерта, „бројни европски шефови на држави и влади, како и лидери на ЕУ и НАТО ќе се приклучат на разговорите“.

Пред околу три недели, САД презентираа план за прекин на руската агресија во Украина, кој во својата оригинална форма во голема мера ги исполнуваше воените цели на Русија. На инсистирање на Украина и нејзините европски сојузници, документот беше ревидиран во клучните точки. САД сè уште очекуваат Украина да направи значителни територијални отстапки кон Русија. Досега, Москва не покажа никаква подготвеност да отстапи од своите првични воени цели или да се согласи на дипломатски преговори за завршување на војната.

Подготвено од М.Д.

About Author