26.12.2025 Скопје
Клучна средба во „5 до 12“ за крај на војната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски најави дека во најскоро време ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, со цел да се стави точка на руската инвазија.
Зеленски верува дека пресвртот може да се случи уште во наредните неколку дена.
„Договоривме средба на највисоко ниво, со претседателот Трамп во блиска иднина. Многу работи можат да се решат пред Нова година“, објави Зеленски на социјалните мрежи, потврдувајќи ја интензивната дипломатска активност меѓу Киев и Вашингтон.
Зеленски истакна дека разговорите со американската страна се одвиваат во конструктивна насока и дека постои простор за напредок во однос на мировниот процес. Според него, се разгледува ревидиран пристап кон завршување на војната, при што се напуштаат некои од претходно споменуваните услови кои беа неприфатливи за Украина.
Тој нагласи дека Киев нема да прифати решенија што би значеле губење територии или ограничување на сувереното право на Украина да одлучува за својата иднина и безбедносни сојузи.
Во меѓувреме, од Москва соопштија дека внимателно ги следат иницијативите поврзани со можни преговори, оценувајќи дека процесот е сложен и дека ќе бара време.
Украинскиот претседател порача дека следните месеци ќе бидат клучни и дека дипломатските напори би можеле да дадат резултати побрзо отколку што се очекуваше.
Подготвено од М.Д.