marjan-risteski-izjava

09.12.2025 Скопје

Од 1 јануари 2026 година стапува во сила новиот Закон за работно ангажирање лица, кој за првпат ја регулира областа на сезонската работа во РС Македонија и директно цели кон намалување на сивата економија. Законот го најави заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој посочи дека со него ќе се овозможи легално, флексибилно и безбедно ангажирање на различни категории граѓани.

Според Ристески, законот е револуционерен бидејќи првпат овозможува студенти, пензионери, невработени и самовработени лица да работат дополнително, а притоа да не ги загубат постојните бенефиции.

Законот за работно ангажирање лица или, популарно речено, за сезонски вработувања ќе почне да се применува од први јануари 2026 година. Овој закон е револуционерен и за првпат се носи во нашата држава. Со него се овозможува работно ангажирање на невработени, вработени лица, студенти и пензионери. Тие нема да ги загубат бенефитите: пензионерите – пензионерскиот статус, студентите – студентскиот, а невработените – социјалните бенефити – истакна Ристески.

Новата регулатива ги опфаќа трите најдинамични области: угостителството, земјоделството и услужните дејности, кои традиционално имаат најголема потреба од сезонска работна сила.

Една од најзначајните новини е воведувањето мобилна апликација преку која работодавците ќе можат веднаш да ги пријават или одјават лицата што ги ангажираат.

Со Законот ќе се интензивира борбата со неформалната економија, односно работата „на црно“. Мобилната апликација ќе овозможи моментална пријава и одјава и ќе обезбеди дополнителни приноси за лицата кои сакаат да бидат ангажирани за подобрување на својата економска состојба – додаде заменик-министерот.

Според законските одредби, лицата ќе може да бидат работно ангажирани од 120 до 180 дена годишно, зависно од дејноста, или максимум 15 дена месечно.

Подготвено од М.Д.

About Author