24.12.2025 Скопје
Сметките ќе се зголемат од 57 денари месечно за домаќинствата што трошат само во првиот блок, до 900 денари за оние кои влегуваат и во најскапиот, четврти блок од 1 јануари 2026 година. Цената на струјата ќе биде повисока за 2,45% во првиот блок, за 2,87% во вториот блок, за 3,32% во третиот и за 3,84% во четвртиот блок, а евтината тарифа ќе се покачи за 2,5%, соопшти на прес конференција претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.
Тој рече дека регулаторите драстично ги намалиле процентите на зголемување на цената на струјата од она што го барала ЕВН хоум.
Наместо предложеното зголемување од 7,66 отсто што ЕВН хоум го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45%. Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87%, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54%. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32% иако беше предложено да има зголемување од 9,63% и во четврт блок зголемувањето е 3,84 %, наместо предложените 11,86% – соопшти Бислимовски.
Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96 отсто, додека РКЕ одлучи да се коригира за 2,50%.
Тој посочи дека поскапувањето за 85 %о од домаќинствата ќе биде за 2,28%о или за 57-70 денари на просечната сметка.
За 63,86 отсто од домаќинствата или 517.400 кои имаат потрошувачка само во прв блок и во евтина тарифа зголемувањето на месечната сметка е 2,28%. За 20,97% или 169. 900 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв и втор блок зголемувањето на месечната сметка е 2,59%. За 1,73 отсто или 14.000 домаќинства кои имаат потрошувачка во прв, втор и трет блок зголемувањето на месечната сметка е 2,79% и за 0,55% или 4.400 домаќинства зголемувањето на месечната сметка е 3,22% – појасни Бислимовски.
И покрај претходното намалување на мрежарината за 4,96%, надоместокот од 200 денари останува дел од сметките и нема да биде укинат.
Ако се укине надоместокот од 200 денари, цената за мрежарина која сега е 2,03 денари, ќе биде 2,6 денари, односно ќе се зголеми за 28%. Како резултат на тоа, ако се укине надоместокот од 200 денари, првиот блок ќе се зголеми за дополнителни 8,46%, вториот блок за 7,19%, третиот за 5,77%, четвртиот за 2,69 и евтината тарифа за 13,51%. Со оглед на овие податоци, РКЕ цврсто останува на ставот дека надоместокот од 200 денари нема потреба да биде укинат – објасни Бислимовски.
Подготвено од М.Д.