22.12.2025 Скопје
Во Владата денеска (11:00 часот) ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.
Главни точки на дневен ред се очекуваат да бидат прашањата поврзани со минималната плата, начинот на пресметување на потрошувачката кошничка, важноста и потребата од унапредување на колективните договори во приватниот и јавниот сектор, исплатата на надоместоци од плата, како и други релевантни регулативи од оваа област.
Во врска со висината на минималната плата, претставници на Владата повеќепати истакнаа дека ќе прифатат решение кое ќе биде постигнато со договор меѓу синдикатите и работодавачите. Од друга страна, бизнис заедницата изразува надеж дека ќе се обезбедат одредени олеснувања во однос на придонесите, како компензација за евентуалното зголемување на минималниот доход.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, минатата недела нагласи дека Владата ќе го почитува секое решение кое ќе биде усвоено со консензус помеѓу работодавачите и синдикатите. Доколку не се постигне договор, ќе остане во сила Законот за минимална плата, што значи дека зголемувањето ќе се врши согласно утврдената формула.
Од Бизнис конфедерацијата сметаат дека секогаш постои можност и потреба од пораст на платите, но тоа треба да го прават оние што реално имаат капацитет за тоа. Тие се надеваат дека нивниот предлог за зголемување на платите, со задржување на сегашното ниво на придонеси, ќе биде прифатен.
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара зголемување на минималната плата, аргументирајќи го тоа со зголемените животни трошоци. Според анкета спроведена од ССМ во ноември, мнозинството испитаници сметаат дека минималната плата треба да изнесува 600 евра.
Од Конфедерацијата на слободни синдикати, пак, очекуваат на Економско-социјалниот совет да се дискутира и за прашањата поврзани со надоместоците на плата во јавниот сектор, кои, како што посочуваат, со години не се променети.
Според најавите на заменик-министерот Ристевски, на денешната седница на Економско-социјалниот совет ќе се разговара и за пресметката на просечната потрошувачка кошничка, која Владата планира да ја воведе од 1 јануари, паралелно со онаа што ја пресметува ССМ.
“Од 1 јануари, покрај синдикалната минимална кошничка, ќе се пресметува и просечна потрошувачка кошничка на ниво на Република Македонија. Таа ќе ни служи на економијата и Владата за понатамошни стратегии во економските политики и, секако, за зачувување на животниот стандард,” изјави Ристески.
Вредноста на синдикалната минимална кошничка, пресметана од ССМ за декември, изнесува 65,492 денари, што е за 319 денари повеќе од ланскиот месец, кога изнесуваше 65,173 денари.
Подготвено од М.Д.