Image by evening_tao on Freepik

23.12.2025 Скопје

Лошо планирање и сериозен јаз меѓу проекциите и реалноста, вака дел од енергетските експерти ја оценуваат состојбата во државната ЕСМ, откако беше најавено барање за прогласување кризна состојба поради проблеми со набавката на мазут.

Доброупатен енергетски експерт кој поради закани сакаше да остане анонимен,  укажува дека податоците од официјалниот Енергетски биланс покажуваат потфрлање во производството на електрична енергија, поголемо од 40 проценти.

Според планот, ЕСМ во 2025 година требало да произведе околу 5.100 гигават-часови, но досегашните резултати покажуваат дека производството тешко ќе надмине 3.000 гигават-часови.

„Се спомнува дека имало проблем и со доставувањето на јаглен од Грција, прашањето е како ова ќе се реши со прогласувањето на кризна состојба. Ајде, мазут ќе се подигне од резервите, ама што правиме со јагленот? Што ќе смени кризната состојба? Ќе имаме ли рестрикции? Не е јасно како ќе се обезбеди јаглен. Тоа е клучното гориво за ЕСМ. И во однос на мазутот, дали ЕСМ објавил јавна набавка навреме и каков бил планот на достава на тие количини на мазут во електраните? Мазутот не е основно гориво за работа на електраните, туку помошно. Што значи дека, доколку навреме било испланирано, тие количини за работа во зимскиот период веќе ќе биле обезбедени и на депонијата во РЕК Битола ќе имало и доволно количини на јаглен за работа во зимскиот период.“

Нема да има енергетска криза и снабдувањето со електрична енергија ќе се одвива непречено, уверува министерката за енергетика Сања Божиновска. Таа вели дека државата располага со доволни резерви и дека тие, доколку биде потребно, ќе бидат ставени на располагање на ЕСМ. Барањето на државните електрани ќе се разгледува на утрешната владина седница.

Минатата недела ЕСМ соопшти дека поради блокадите на граничните премини од страна на грчките земјоделци, земјава се соочува со неможност да се донесе увезениот мазут, по што најави дека ќе побара прогласување кризна состојба. Од партијата Левица реагираа дека, според нив, „единствената кризна состојба е директорувањето на Лазо Узунчев со ЕСМ“, посочувајќи дека државните електрани достигнале историски највисок долг од околу 150 милиони евра. СДСМ засега молчи. Ако Владата прогласи кризна состојба, тоа ќе овозможи употреба на државните резерви на мазут.

Подготвено од М.Д.

About Author